Гудачкиот квартет „Атака“, во понеделник на 6 октомври, во Музејот на македонската борба, ќе одржи концерт во рамките на манифестацијата Денови на македонската музика.
На програмата се делата на Лука Јанкулоски: WITHIN THE FROST FIEDL за гудачки квартет, Бојана Петровиќ Алексова: ГУДАЧКИ КВАРТЕТ, Ана Пандевска: ЦИВИЛИЗИРАН ПРИМИТИВИЗАМ за гудачки квартет и лента и на Стефан Гајдов ГУДАЧКИ КВАРТЕТ.
Гудачкиот квартет „Атака“ е формиран во 2022 година и за краток период се наметна како еден од најактивните млади камерни ансамбли на домашната сцена. Составот го сочинуваат Ева Богоевска и Марија Трајковска (виолини), Илза Бафтиари (виола) и Маја Михајловска (виолончело) – музичарки со веќе значајно искуство како солистки и како членки на различни оркестри и камерни состави, со образование стекнато под менторство на реномирани професори во земјата и странство.
Од своето основање, квартетот „Атака“ развива јасна програмска ориентација кон современото македонско творештво. Нивните настапи на фестивалот „Денови на македонска музика“ ги истакнуваат како сигурни интерпретатори на камерните дела на македонски композитори од повеќе генерации – од Драгослав Ортаков и Ристо Аврамовски до Јана Андреевска, Валентина Велковска Трајановска и Филип Иванов. Со ваквата активност квартетот се профилира како значаен промотор и афирматор на националниот современ камерен репертоар.
Ева Богоевска (1999, Скопје) е една од најуспешните виолинисти на младата генерација. Виолината ја запознава на седумгодишна возраст во класата на проф. Ана Кондратенко, а нејзиниот исклучителен талент брзо добива меѓународно признание. Победата на фестивалот Охридски бисери ѝ носи покана за концертни настапи во Словачка, што претставува почеток на нејзината активна концертна кариера.
Како најмлад студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, со само 16 години го започнува своето академско образование во класата на проф. Олег Кондратенко, а дипломира со највисок просек. Добитничка е на бројни државни и меѓународни признанија, меѓу кои Гран-при на фестивал во Ерусалим, лауреат на реномиран натпревар во Санкт Петербург, како и прва награда на интернационален натпревар во Њујорк, што ѝ овозможува настап во престижниот Карнеги хол.
Ева Богоевска
Соработува со Македонската филхармонија како солист, како и со Националниот оркестар на Операта и балетот во Хо Ши Мин, а нејзиниот концертен репертоар ја води низ Италија, Франција, Израел, Австрија, Русија, Португалија и многу други земји. Дел е од фестивалите Охридско лето, Скопско лето, Денови на македонска музика и Златна лира.
Во 2019 година учествува на конференцијата на Интернационалната музичка младина во Берлин, претставувајќи ја Музичка младина на Македонија со труд посветен на новите пристапи во интерпретацијата на класичната музика. Од 2017 година е дел од оркестарот F.A.M.E.’S., а од 2020 година е вработена во Македонската филхармонија како прва виолина.
Марија Трајковска (1992, Неготино) се истакнува како солист, оркестарски музичар и музички едукатор. Виолината ја изучува од деветгодишна возраст, а музичкото образование го оформува во ДМБУЦ Илија Николовски-Луј во Скопје и на Факултетот за музичка уметност, каде што учи кај проф. Михајло Куфојанакис. Во 2013 година добива полна стипендија за студии на Универзитетот Лин во Јужна Флорида, каде што се усовршува во класата на реномираниот виолинист и диригент Гијермо Фигероа. Настапува како дел од филхармонијата и камерниот оркестар на универзитетот, свирејќи со истакнати солисти, меѓу кои и Џошуа Бел. Дипломира со почести (cum laude) во 2017 година.
Марија Трајковска
По враќањето во Македонија, станува дел од Македонската филхармонија, а од 2019 година е вработена во групата втори виолини. Покрај оркестарската дејност, активно се посветува на музичката едукација преку платформата Violynning, која брои над 24.000 следбеници. Од неодамна е дел од тимот на апликацијата Trala од Чикаго, специјализирана за онлајн настава по виолина.
Ангажирана е и во музички работилници со лица со посебни потреби. Во слободното време ужива во семејни моменти, прошетки во природа и креативни активности.
Илза Бафтиари е виолистка со изразена креативност и мултидисциплинарен пристап, која своето музичко образование започнува со виолина, а потоа се посветува на виолата под водство на проф. Јован Бицевски.

Како солист и камерна изведувачка, таа има настапувано со Македонската филхармонија, камерниот оркестар на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и „Солисти на ФМУ“, како и со неколку меѓународни оркестри, вклучувајќи „CEI Orchestra“, „Jugest Sinfonie Orchester“ и „Manheimer Philharmoniker“. Со последниот, настапува во најпрестижните европски сали, како што се „ElbPhilharmony“ во Хамбург и „Queen Elizabeth Hall“ во Антверп, со врвни солисти како Марта Аргерич. Илза е долгогодишен член на оркестарот на Косовската филхармонија, а од 2020 година е дел од Македонската филхармонија, исто така, редовно учествува во снимањето филмска музика со оркестарот F.A.M.E.’S.
Маја Михајловска (1989, Скопје) е виолончелистка со активна солистичка и оркестарска кариера. Виолончело почнува да свири на 12 години кај Паскал Краповски, а музичкото образование го продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје кај Живко Фирфов. Магистерските студии ги завршува во Прага под менторство на реномираниот виолончелист Михаел Канка.
Маја Михајловска
Добитничка е на бројни награди, меѓу кои први места на национални и меѓународни натпревари, вклучувајќи ја „ArsKosova“ и повеќе признанија за камерна музика. Како солист настапува со Македонската филхармонија, Академискиот оркестар и камерниот ансамбл ARCO. Била член на престижни европски оркестри како Junge Orchester Akademie, CEIYO и Young Euro Classic Festival Ensemble, соработувајќи со истакнати диригенти и солисти, меѓу кои Хајнрих Шиф, Игор Корети-Курет и Лоренс Фостер.
Активно концертира како дел од виолончелиското дуо Cello Twins, заедно со својата сестра близначка, а настапувала и на реномирани фестивали како Скопско лето и Охридско лето. Во моментов е tutii виолончелистка во Македонската филхармонија.
Влезот на концертот е слободен.