Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска-Стојчевска на дебатата „Еднаква, своја, успешна“: Младите преку културата да се спротивстават на дискриминацијата и нееднаквоста

Под мотото „Остави трага“, во Битола се одржа вториот мултимедијален настан во рамките на кампањата „Дојди – раскажи ја својата приказна!“, наменета, пред сè, за младите генерации. Во серијата настани и отворени разговори за споделување на личните искуства учествува и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. Тема на мултимедијалните настани на Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Советот на Европа и Институтот за добро владеење и евроатлантски перспективи, е „Еднаква, своја, успешна“.

Панел-дискусијата се одржа пред платото на еден од најзначајните културно-историски објекти, Официрскиот дом во Битола.

Министерката Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање ја раскажа личната приказна за реализацијата како ќерка, мајка, професорка, пратеничка и,  сега, министерка. 

– Целта е постигната бидејќи сум убедена дека моќните пораки што ги пренесовме јас и моите соговорници, инспирирани од нашите лични искуства и сведоштва, ќе им дадат поттик и мотив на нашите деца, на младите воопшто да се остварат во храбри и одлучни личности, кои ќе бидат активни чинители во современите општествени текови и достоинствено ќе се борат за еднаквост и рамноправност во заедницата. Кога зборуваме за родова еднаквост, се стремиме кон тоа, образовниот  систем да го приспособиме кон нови образовни содржини. Со правилно воспитување и школување, можеме понатаму да влијаеме преку културата, уметноста и образованието во креирање на свеста на секој поединец за еднаквост и подобар свет за сите – истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.

Министерката Костадиновска-Стојчевска истакна дека треба да бидеме позитивен пример за студентките и ученичките, тие да не бидат жртви на дискриминација, говор на омраза, и во ниедна сфера на дејствување да немаат бариери само затоа што се жени.   

Покрај министерката за култура, учествуваа и: министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска; професорката на УКЛО – Битола, Ангелина Стојановска; Маја Атанасовска од женската трка „Биди своја“;  Мартин Ангелов, сопственик на кафулето „Улаф“; Дарко Беровски, дигитална платформа „Спознавање“; Ана Јовковска, писателка и Марија Андреева, проектна раководителка во рамките на канцеларијата на Советот на Европа.

Како културно дополнување на настанот, восхит предизвикаа со својата изведба: музичката група „Шербет“, театарската претстава на „Интимен театар“ и дел од студентите од ИБУ – Факултет за уметност и дизајн. 

Зачлени се на нашиот е-билтен