Културните работници без плата: синдикатот обвинува за системско кршење на правата

Синдикатот на културата на Република Македонија обвини дека Министерството за култура и туризам системски го прекршува правото на плата на вработените во културните институции, оставајќи ги без исплата за месец мај. Професионалната организација тврди дека ресорното министерство упорно го игнорира одлуките на Управните одбори во две институции и преку телефонски инструкции наметнува пресметки што се спротивни на колективните договори и законската регулатива, без да издаде каков било писмен документ.

Според синдикатот, кога раководствата на институциите побарале писмена потврда, добиле закани дека платите ќе им доцнат со месеци. „Безобразието оди дотаму што, покрај кршењето на правото на плата, се загрозува и правото на здравствено осигурување по 30 јуни“, се наведува во реакцијата.

Во соопштението се цитираат одредби од Законот за извршување на буџетот, кои, како што посочуваат синдикалците, јасно утврдуваат дека одговорноста за законитоста на исплатите ја носат исклучиво Министерството за култура и директорите на установите, а не Министерството за финансии – чие име, велат, се користи како изговор.

„Министерството за култура и туризам, односно министерот, како и директорите што ги следат неговите насоки, се единствени одговорни за кратењето на платите“, стои во соопштението. Синдикатот бара итна исплата на заостанатите примања, во согласност со одлуките на Управните одбори, и јавна објава на сите правни основи доколку ресорот повторно го посочи Министерството за финансии како кочничар.

Како форма на протест, синдикатот ја „прекрсти“ институцијата во „Министерство за (култура) и туризам – Плата нема“, алудирајќи на, како што го оценуваат, хроничниот институционален немар кон културните работници. Доколку не се исполнат барањата, се размислува и за натамошни синдикални активности што ќе го ескалираат притисокот врз надлежните.

Зачлени се на нашиот е-билтен