Лабораториум со шанса за младите артисти: Резиденцијална програма, работа со ментори, промоција и хонорар

Лабораториум

Започнува потрага по нови лица од независната уметничка и креативна сцена. Културниот центар Лабораториум ги повикува сите млади кои што создаваат и стремат да се развијат и афирмираат, да се приклучат на иницијативата Градски ѕид – за Нови Лица на македонската културна сцена, која до крајот на годината ќе поддржи артисти од повеќе сфери. Музичари, сликари, вајари, поети, писатели, аниматори, актери, режисери, филмаџии, танчери, фотографи, дизајнери – графички и модни… сите се добредојдени.

Ако имате од 18 до 25 години, пријавете се на конкурсот, а Лабораториум на 8 македонски артисти од целата држава ќе им обезбеди стручен ментор, комплетна поддршка и логистика за реализација на нивните проекти, кои ќе бидат претставени во Лабораториум и на пошироката јавност. Осумте одбрани артисти ќе добијат и авторски хонорар за својот ангажман.

Изборот на учесници ќе го врши стручен тим, составен од докажани културни работници, професори, уметници и професионалци, кои ќе ги одберат најдобрите 8 млади артисти и креативци. Секој од нив ќе добие свој ментор, кој во текот на еден месец ќе го води, координира и надгледува креативниот процес на младиот уметник, притоа нудејќи совети, практични насоки и професионални препораки, сѐ со цел младите автори да се унапредат и создадат дела кои ќе бидат издржани по квалитет, по оригиналност и уметничка релевантност. На крајот од месецот, плодовите од соработката во форма на завршено дело, ќе бидат претставени во Лабораториум. На крајот на годината, целиот процес ќе се преточи во еден голем настан во Лабораториум, каде сите учесници ќе здружат сили и заедно ќе ја претстават својата работа.

Заинтересираните можат да добијат повеќе информации и да се пријават на laboratorium.mk најдоцна до 26 април на полноќ. Иницијативата „Нови лица“, е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.

Зачлени се на нашиот е-билтен