Легендите на театарски Прилеп Кирил Ристоски, Џумерко и Платнар добија Музеј во движење

Прилеп имал, има и ќе има театарски уметници, а приказната за театарскиот Прилеп ја раскажуваме низ чаршијата, надвор од стерилните услови во институциите, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински на синоќешното отворање на „Музејот во движење“ на платото пред Градскиот саат.

„Музејот во движење“ е  посветен на тројцата легендарни прилепски театарски уметници – Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски – Џумерко и Благоја Ристески – Платнар.

На невообичаен начин, преку изложба на фотографии, лични предмети, артефакти, на неколку локации низ градот, во места пријатели на фестивалот, авторите на изложбата Звонко Димоски и Ана Стојаноска го доловија животот на овие уметници и приватно и професионално. Емотивна средба беше ова и за членовите на нивните семејства.

-Човечките приказни не треба да се оддалечуваат од луѓето и од непосредноста. Посебно актерските човечки приказни имајќи ја предвид ситуацијата со сите предизвици на театарските сцени во Прилеп важно ми беше да го покажам она што сите ние го знаеме: Прилеп имал, има и ќе има театарски уметници. Театарот за разлика од другите медиуми не може да биде зачуван на ниту еден адекватен начин освен преку пишаните, снимените, фотографираните и раскажаните податоци. Затоа одлучив приказната за театарскиот Прилеп да ја раскажам низ чаршијата надвор од стерилните услови на сите институции, објасни Стојаноска.

Ова е во рамки на богатата програма на Македонскиот театарски фестивбал „Војдан Чернодрински“ што се одржува во Прилеп.

Публиката имаше можност синоќа да ги проследи и документарните филмови на драмскиот автор Благоја Ристески-Платнар во киното „Мис Стон“.

Денеска во 11 часот ќе бидат промовирани нови драми од наградите на „Еуродрам“, а на пладне се разговорите за синоќешната претстава „Сите најубави нешта“ на Штипскиот театар, од официјалната програма.

Вечер во 19 часот,  на големата сцена на Центарот за култура „Марко Цепенков“, ансамблот на Албанскиот театар ќе ја изведе претставата „Ричард Трети“ во режија на Куштрим Бектеши.

Зачлени се на нашиот е-билтен