Од 12 до 18 август, по 36-ти пат, во живописниот Галичник ќе се одржи реномираната Ликовна колонија „Галичник“, годинава под темата „Постмеморија – Одек на тишината“.
Темата, како што соопштија организаторите, е инспирирана од истражувањата на Мериен Хирш, Алејда Асман, Ролан Барт и В.Г. Зебалд, кои се занимаваат со прашањето како трауматичните историски искуства – иако не се директно доживеани – се врежуваат во свеста и идентитетот на наредните генерации.
„Годинашните учесници ќе ја истражуваат неизговорената меморија, тишината како сведоштво и наследената болка како уметнички материјал, користејќи нови медиуми, архиви, звучни записи, гестови и визуелни фрагменти“, се наведува во соопштението.
На колонијата ќе учествуваат уметниците: Никола Радосављевиќ и Дејан Крстиќ (Србија), Красимир Терзиев и Калина Димитрова (Бугарија), Далиа Белосиноф (Грција), Мариа Анвандер и Клара Вит (Австрија), Ренеа Беголи (Косово), Лука Соудан (Холандија) и македонските автори Иванчо Талевски и Ана В’цкова.
Делата создадени во текот на оваа сесија, заедно со продукцијата од 2024 година, ќе бидат изложени во ноември 2025 во Националната галерија – објект Мала станица. Изложбата ќе биде придружена со професионално изработен каталог кој ќе ги документира уметничките процеси и концептите зад проектите.
„Ликовната колонија Галичник е една од најреномираните и најпрогресивни уметнички колонии во регионот. Со јасна ориентација кон современите текови во визуелната уметност, колонијата и понатаму гради платформа за иновативна, интер-/транс-дисциплинарна и концептуална продукција“, наведуваат организаторите.
Настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам и од бројни институции и партнери.