Македонскиот јазик е најголемата културна татковина, која нема граници. Затоа живеењето на јазикот меѓу генерациите, кои не се во Македонија, туку живеат во други држави е многу значаен културен елемент.
Ова е главното мото, под кое од 16 до 19-ти април во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, ќе биде реализиран мултимедијалниот проект за деца „Магичниот круг на детството“ на КАТ Продукција. Проектот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Северна Македонија.
Во рамки на проектот ќе бидат опфатени 40-тина ученици, кои учат македонски јазик во двете основни училишта во Загреб “Август Харамбашиќ“ и „Никола Тесла“, под водство на наставникот Деспина Белчовска Велинска.
Ќе бидат реализирани три креативни работилници, и тоа: драмска под водство на актерката и режисер Снежана Конеска Руси, работилница за илустрација на книги за деца под водство на дизајнерот и едукатор Елена Максимовска и работилница за креативно пишување под водство на м-р Татјана Гогоска, автор на проектот и автор на книгата „Магичниот круг на детството“.
Книгата „Магичниот круг на детството“ ќе биде промовирана на завршниот настан на 19. април во Македонскиот КИЦ во Загреб, во присуство на повеќе гости од разни сектори, и на кој меѓу другите ќе зборуваат, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска-Илиевска, која со својата поддршка го овозможи реализирањето на овој проект, како и авторката на книгата м-р Татјана Гогоска.
Книгата ќе ја промовираат децата учесници, во трите работилници, со свој перфоманс. Целиот настан ќе го води и модерира познатата актерка и режисер Снежана Коневска Руси.