„Мајка“ распродаден за кината во Европа пред својата светска премиера во Венеција

Филмот „МАЈКА“ на Теона Стругар Митевска, кој ќе ја отвори престижната селекција „Хоризонти“ на годинешниот 81. Венецијански филмски фестивал, веќе е распродаден за кино дистрибуција во над 15 европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска, Белгија и други.

Ова денеска го соопштија првите луѓе од продукцијата на филмот „Мајка“, Лабина Митевска и Теона Стругар Митевска на прес конференција на која присуствуваа и сценаристот на филмот Гоце Смилевски, директорот на Агенцијата за филм Сашко Мицебски и министерот за култура Зоран Љутков.

Филмот ќе започне да се прикажува во европските кина од 3 декември, што претставува редок и исклучителен успех за една македонска продукција – да обезбеди кино прикажување пред светската премиера.

„Овој извонреден интерес за ‘МАЈКА’ е доказ дека филмот има потенцијал да стане еден од најистакнатите европски филмови оваа година,“ – велат од француската агенција Kinology, која е задолжена за светска продажба и дистрибуција.

На денешната прес-конференција, по повод претставувањето на филмот „МАЈКА“ на претстојниот Венецијански филмски фестивал, присуствуваше и министерот за култура и туризам, г. Зоран Љутков, кој изрази задоволство од меѓународниот успех на проектот и силната позиција што македонската кинематографија ја зазема на светската сцена.

„Филмот ‘МАЈКА’ е извонредно уметничко дело. Гордост ни е што овој филм, зад кој стои визијата на Теона Стругар Митевска и посветеноста на целата авторска екипа, го носи печатот на македонската креативност и професионализам. Неговото претставување на отворањето на еден од најреномираните светски фестивали, Венецијанскиот, е доказ дека македонската уметност може рамноправно да чекори со светот. ‘МАЈКА’ покажува дека кога уметниците се поддржани, а државата има слух за културното творештво, се раѓаат дела кои говорат на универзален јазик.

Министерството за култура и туризам ќе продолжи решително да поддржува проекти од ваков калибар, кои не само што ја афирмираат македонската култура дома, туку ѝ обезбедуваат видливост и признание на најпрестижните сцени ширум светот“, истакна министерот Љутков.

Филмот ќе ја има својата светска премиера на 28 август 2025 година, во Венеција, отворајќи го првиот натпреварувачки ден во селекцијата „Хоризонти“, која е посветена на иновативни естетски и наративни филмски форми. Тој ден во Венеција ќе се прикажат само два филма: „La Grazia“, напишан и режиран од оскаровецот Паоло Сорентино, и македонскиот „МАЈКА“ на Теона Стругар Митевска.

„МАЈКА“ не претставува биографија, туку длабока човечка и духовна драма, инспирирана од внатрешната борба на младата Тереза пред да зачекори во својата мисија. Филмот се фокусира на клучните седум дена во кои се кршат убедувањата, верата и визијата за иднината.

„Ова е можната приказна за жената зад митот. Во миг кога светот очекува светлина од неа, Тереза мора да се соочи со сопствените сенки. Ова е мојот најкомплексен филм досега. Работејќи го овој филм, си ја зедов целата слобода на израз и, во индустрија сè уште доминирана од мажи, си дозволив да понудам женска логика и светоглед на животот и фигурата на Мајка Тереза. Развојот на карактерите и нивната повеќеслојност, испреплетеноста на нивните животни приказни и преобликувачките историски настани, и пред сè емотивната длабочина по која посегнавме во сценариото, а која ја достигнавме со виртуозното актерство, ме прават многу среќна уметница.

Ова е приказна за жената зад митот, една друга страна на една светица. Во седумте дена пред да ја започне својата мисија на чело на новоформираниот женски католички ред, оваа жена одненадеж треба да се соочи со непредвидени и суштински предизвици што ќе ја поколебаат нејзината најдлабока верба. Родена скопјанка, ова албанско девојче од Македонија тргнува со чисто срце, неисцрпна енергија и желба да го менува светот на подобро преку службата на Бога. Токму пред да зачекори надвор од манастирските ѕидови, ѝ се расплеткува човечка драма што ќе ја преврти наопаку целата нејзина верба и убеденост во редот на нештата,“ – вели режисерката Теона Стругар Митевска.

„’МАЈКА’ го прикажува моментот кога верата се судрува со човечката болка и неизвесност. Верував дека ваков филм мора да се напише искрено, со почит кон фактите, но пред сè со почит кон суштината на духовното искушение“, рече Гоце Смилевски, ко-сценарист на филмот.

Главната улога ја толкува шведската ѕвезда Номи Рапас, светски позната по улогата во „Девојката со тетоважа на змеј“, заедно со Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик и Силвија Фокс како сестра Агнешка. Режисерката Теона Стругар Митевска истакна дека токму нивната хемија и доверба на сетот биле клучни за автентичноста и интензитетот на филмот. Европските дистрибутери веќе ја препознаваат нивната изведба како еден од најсилните адути на филмот.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Данска и Босна и Херцеговина, снимен на три континенти, со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Шведскиот филмски институт, регионални фондови и други партнери.

„Особено сум горда што со овој филм покажуваме дека Македонија има капацитет да создава висококвалитетни европски и светски филмски проекти. ‘МАЈКА’ се снимаше на три континенти, во продукциски услови што бараат највисоко ниво на професионализам и визија“, истакнува продуцентката Лабина Митевска.

„Сестрите Митевски одамна го имаат обезбедено своето место во светската филмска мапа. Нивната посветеност, визија и исклучителен креативен глас се двигатели на македонската кинематографија, инспирирајќи генерации автори – особено жени – да веруваат во својот капацитет и интернационален потенцијал.

Филмот ‘МАЈКА’ е уште едно сведоштво за тоа што значи да се гради културен бренд со континуитет и уметничка интегритетност. Овој момент е значаен и затоа што се совпаѓа со време во кое македонскиот филм добива системска поддршка – со поголеми буџети, долгорочни стратегии и нови законски решенија што ќе обезбедат стабилни извори на финансирање“, изјави Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм.

„МАЈКА“ ќе се натпреварува во повеќе категории во Венеција, вклучувајќи: најдобар филм, режија, сценарио и актерски остварувања. Премиерата на 28 август е само почеток на неговото европско и светско фестивалско патување.

За македонската публика, „МАЈКА“ ќе биде премиерно прикажан на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола.

Ова е голема чест, беше речено на прес конферемцијата, бидејќи фестивалот е посветен токму на визуелниот јазик на филмот, а „МАЈКА“ е филм што нуди исклучителна камера и уметнички визуелен израз, преку објективот на Виржин Сен Мартан од Белгија.

Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, а сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен