Македонскиот краткометражен филм „Избор“, во режија на Марко Црногорски и продукција на „Дарма филм“, е селектиран за учество на 50. издание на данскиот Меѓународен филмски фестивал во Одензе (Odense International Film Festival – ОФФ), коешто ќе се одржи од 25 до 31 август 2025 година.
ОФФ е единствениот фестивал за краткометражни филмови во Данска, коешто може да квалификува еден филм за „Оскарите“, Европските филмски награди (ЕФА) и БАФТА-наградите. Се смета за една од најреномираните фестивалски платформи за кратки филмови во Европа, што го прави ова учество особено значајно за македонската кинематографија. „Избор“ веќе бележи забележителни успеси на меѓународната сцена, меѓу коишто и наградата за најдобар краток филм на 20. Југоисточен филмски фестивал за филмови од Европа (СЕЕфест) во Лос Анџелес (САД), соопшти продукцијата.
Македонскиот краток филм „Избор“ во селекцијата на Филмскиот фестивал во Одензе
Филмот ја имаше својата светска премиера на 34. Филмски фестивал во Паленсија, Шпанија, а беше прикажан и на уште два престижни фестивали – „Сине Лебу“ во Чиле и Фестивалот во Александрија, Египет.
Режисерот Марко Црногорски, „преку иновативна наративна форма и визуелен стил, раскажува емотивна и ангажирана приказна за млада мајка, која, соочена со рестриктивен закон што ѝ го забранува абортусот, е приморана да бара илегално решение. Филмот е структуриран во само два кадри, од кои едниот трае 13 и пол минути, што претставува уникатен продукциски предизвик и креативен избор“, се додава во известувањето.
Македонскиот краток филм „Избор“ во селекцијата на Филмскиот фестивал во Одензе
Селекцијата на „Избор“ на ОФФ-25 е потврда за квалитетот и креативниот потенцијал на новата генерација филмски автори од Македонија. Учеството на фестивалот отвора нови можности за меѓународна промоција и вмрежување на филмот и неговите автори, се истакнува.
Актерската екипа ја предводи Сара Сандева, а покрај неа глумат и Ева Велиќ, Игор Ангелов, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Ѓорѓи Јолевски, Сара Анастасовска и Дарко Богески. Креативниот тим го сочинуваат: Роза Трајческа Ристовска (костимографија), Дејан Ѓошевски (сценографија), Дарко Спасовски (звук и микс), Блажен Настевски (музика), Михаил Димитров (монтажа), Наум Доксевски (директор на фотографија). Сценариото е потпишано од Јана Пауноска и Марко Црногорски, а проектот е поддржан од македонската Агенција за филм.