„MEET Преспа“ – фестивал што ги обединува културите во регионот, утре во Пустец

Во Пустец утре ќе се одржи фолклорниот фестивал „MEET Преспа“, кој ќе ги обедини културите и традициите на Албанија и Северна Македонија преку настапи на фолклорни групи од двете земји. Настанот е во организација на Општина Пустец, со поддршка од неколку домашни и регионални институции.

„Сите се поканети и добредојдени на овој значаен прекуграничен фестивал – настан што ја обединува традицијата, музиката и народните ора на различните краишта од Преспа, Албанија и Северна Македонија“, се наведува во објавата на Општина Пустец.

Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец, со почеток во 18 часот. Организаторите најавуваат празнична атмосфера во која ќе се промовира културното наследство и ќе се зацврсти прекуграничната соработка меѓу заедниците од двете страни на Преспанското Езеро.

Настанот е резултат на заеднички напори на општините Пустец, Девол, Колоња, Поградец и Ресен, како и организацијата „Гео-екологија“. Поддршка за реализацијата даде Министерството за економија, култура и иновации на Албанија.

Како дел од пошироката иницијатива за развој на културниот туризам, фестивалот „MEET Преспа“ има цел да го истакне природното и етнографското богатство на Преспанскиот регион и да ја зајакне поврзаноста меѓу локалните заедници од двете земји.

Зачлени се на нашиот е-билтен