Деветнаесет уметници од земјава и од странство почнаа да ги создаваат своите дела на 15-та меѓународна ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2023“ што до 23 јули ќе се одржува во Прилеп.
Уметниците ќе создаваат скулптури, инсталации, слики, и ќе користат различни материјали: дрво, метал, прилепски мермер. Се очекува годинава да се создадат 40 дела.
-Уметниците и годинава ќе работат на слободна тема, ќе користат природни материјали. Очекуваме годинава да се создадат 40-тина нови уметнички дела, кои ќе бидат дел од богатата збирка на Центарот. Колонијата започна како сликарска, а од 2021 меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков“ – Дрен почнува со работа во скулпторски медиуми (метал, дрво, мермер…) со што се додава дополнителен квалитет на колонијата и се става акцент на работата во различни медиуми, изјави Марјан Стојаноски од ликовната дејност на Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Создадените дела на годинашната колонија ќе бидат презентирани на изложба во Центарот за култура, а претставување ќе има и во повеќе градови низ земјава.
Колонијата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура. (МИА)