Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Министерството за култура ги фрли во канта женскиот активизам и феминистичката култура

Здружението за промоција на женската активност Тиииит! Инк. од Скопје се револтирани и ужаснати од резултатите од Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2025 година, објавени од Министерството за култура и туризам на 03.02.2025 година, согласно кои, тринаесеттото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО не добива никаква финансиска поддршка, пишува во реакцијата на ова здружение.

Од Тиииит! ИНК. потсетуваат дека ПРВО ПА ЖЕНСКО е единствениот меѓународен интердисциплинарен фестивал во земјата кој ја промовира феминистичката култура и активизам. „Во текот на 12те години континуирана работа, наспроти сите ограничувања и предизвици со кои се соочуваме на локалната независна културна сцена, Фестивалот стана, меѓународно препознаена, референтна точка за современите културни и уметнички практики што ги артикулираат родовите прашања и промовираат критичко промислување во културата и општеството“.

Со оваа дрска одлука, оценуваат од Тиииит! Инк. актуелното Министерството за култура и туризам испраќа јасна порака дека нема интерес за поддршка на критички културни содржини кои се засноваат на принципите на родова еднаквост, а и го оневозможува и развојот на разновидна современа културно-уметничка програма и градењето публика сензибилизирана за критичко промислување на културата и општеството воопшто.

Со оваа дрска одлука, нагласуваат од здружението, актуелното Министерство за култура и туризам прави напад врз културните работници/чки, врз уметниците/чките, врз граѓан(к)ите кои ја препознаваат, поддржуваат и придонесуваат кон независната, критичка и феминистичката културна продукција.

Со оваа дрска одлука, посочуваат од Тиииит! Инк. актуелното Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија просто го прави она што актерите на независната културна сцена и го очекуваа, слушајќи ги предизборните обраќања на денешните функционери – недвосмислено и дефинитивно покажува дека презира жени – особено ако се феминистки, ЛГБТИК+ лица и воопшто маргинализирани групи, за кои, според нив, нема место во културата!

Тенденциозното неподдржување на здруженија кои во полето на културата работат на промовирање и застапување на правата на маргинализираните заедници, не е само спротивно на националните стратешки приоритети во културата, усогласени со приоритетите на Европската Унија, кои Владата тврди дека ги почитува, истакнуваат од здружението. „Тоа отвора и сериозни сомнежи дека предрасудите и дискриминацијата се повторно темел на начинот на кој се носат одлуките во ова Министерството, инаку надлежно да ја негува културата како инструмент за критичко преиспитување на нееднаквостите во општеството и да поттикува развој на инклузивни политики“.

Ние од Тиииит! Инк. – Скопје и поширокиот тим на Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО, се нагласува во реакцијата, одбиваме да ја прифатиме институционалната неправда која ја оневозможува критичната мисла во културата и промовира ксенофобија, мизогинија и хомофобија во нашето кревко општество!

ПРВО ПА ЖЕНСКО ќе продолжи да го чува просторот на независната, обединувачка и ослободувачка култура! ПРВО ПА ЖЕНСКО постоело и ќе постои, наспроти сите неправди! И годинава ќе има ПРВО ПА ЖЕНСКО! Ќе (ве) преживееме!, порачуваат од Тиииит! Инк.

Зачлени се на нашиот е-билтен