Министерството за култура ја разреши Тина Иванова од функцијата директор на Националната филхармонија, а за вршител на должност на оваа функција го назначи Даниел Лазаревски. Комисија која била формирана од Министерството за култура констатирала повеќе неправилности во работата на Иванова, а разрешени се и членовите на Управниот одбор во Националната филхармонија, бидејќи не дејствувале навреме и не укажале за неправилностите во работењето на Иванова.
Во соопштението на Министерството за култура се наведува дека „од документацијата и направените записници се заклучува дека директорката Иванова постапувала несоодветно, несовесно, неекономично, неуредно, ненавремено и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија. Одговорното лице на установата склучувало договори кои самото не ги испочитувало и прекршен е Правилникот на установата кој го донел Управниот одбор, и дека „скандалозно и запрепастувачки е да се увиди како досегашната директорка ја водела НУ Филхармонија“.
Бидејќи низ овие активности, несовесно постапувале и не спречиле несовесно постапување и членовите на Управниот одбор, министерката Костадиновска-Стојчевска донесе одлука и за разрешување на сите членови на УО на Филхармонија, се вели во соопштението, и се потенцира дека Тина Иванова и Управниот одбор на Филхармонијата, се разрешени исклучиво поради низа откриени неправилности при работењето и раководењето на институцијата.
За в.д. директор е назначен Даниел Лазаровски, од редот на вработените во Филхармонијата.
Тина Иванова, пак, претпладнево упати јавна реакција до медиумите, во која наведува дека била разрешена од актуелната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска не поради несовесно работење, туку дека единствена причина за разрешувањето е фактот што како директорка застанала на страната на колективот и на страната на институцијата.
Извори: Мета.мк и Министерство за култура