На 15. октомври маестро Мишел Трајковски & Скопје Виа одржаа концерт во ОФФ Култур во Будимпешта пред многубројна унгарска публика која беше воодушевена од нивниот два и пол часовен настап.
Мишел Трајковски & Скопје Виа се претставија со авторски песни и обработки на македонски народни песни, ромска музика и балканска музика со кои успеаја да ги освојат срцата на Унгарците и да направат концерт што долго ќе се памети.
Пред нив свои настапи имаа Оро Негро и Бабра, унгарски музички состави кои ја негуваат балканската музика.
Со големиот концерт на Мишел Трајковски & Скопје Виа беше затворена манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2025“, организирана од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Здружението на Унгарците на РС Македонија и културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта кој прераснува во главен носител на афирмацијата на македонската кутура во Унгарија.
Манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“ станува препознатлив и популарен културен настан во Унгарија, а унгарската публика од година на година станува сѐ помногубројна и позаинтересирана за македонската култура.
Манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“ е поддржана од Министерството за култура и туризам на РС Македонија.