Весна Мојсова-Чепишевска*
Од денешен аспект имам впечаток како јас да не го пишував овој животопис. Зашто, едноставно, им дозволив и на Рацин и на сите оние што пишувале за животот Рацинов да си го отворат срцето и да започнат да ми (рас)кажуваат. Јас бев само совесен и верен слушател, поточно стручен и постојан читател и како Цепенков низ чинот на „креативната изневера“ (израз што го позајмувам од Блаже Конески) успеав да го сочинам овој животопис.
Рациновиот живот го носев во/со себе и потоа кога ми се даде можноста се обидов да го пресоздадам на свој/автентичен начин. Со Рацин си муабетам уште од времето на мојата работа на магистерската тема под менторство на мојот драг професор Томислав Тодоровски. Сега конечно тој муабет како да доби сериозно заокружување со овој животопис. А го пишував и го напишав за да му оддадам почит на Рацин, но и за да му дадам љубов, нему и на неговото дело: книжевно и револуционерно. Додека го пишував Рациновиот животопис, водев истовремено и еден секојдневен дијалог со него и еден длабок дијалог со самата себе. Во духот на оние промислувања на Мартин Бубер јас со Рацин ја потврдив феноменологијата на средбата како животворна, клучна и неопходна компонента во духовниот развој на човекот.
Стилизирајќи ја неговата биографија сакав да ја понудам Рациновата животна приказна низ една наполно индивидуална креација. Не се држев толку до голиот историографски принцип, зашто подраг ми е метаисториографскиот. Или како што пишува академик Ќулавкова во својот предговор кон овој том, јас не трагав по ново документарно и фактографско градиво за животот на Рацин, туку го искористив постојното и достапното. Затоа, еден добар период се дружев со објавените биографии и биографски прилози за Рацин. Затоа и обилно ги цитирам. Можеби, тоа е, како што забележува и Ќулавкова, една моја почит не само спрема Рациновите биографи, една почит кон Перо Коробар, Александар Спасов, Блаже Ристовски, Васил Тоциновски, Горан Калоѓера, туку и спрема фактографијата и документацијата што тие ја наведуваат, вклучително и сеќавањата на некои од биографите. Како таков овој животопис може да се чита и како една своевидна биографија на биографиите на Рацин. Имав чувство дека само на тој начин можеше повторно да се оживее Рациновото време и да се освежат т.е. да се вратат во живот сеќавањата на неговите современици.
Секое поглавје го врзував со некој клучен период, година или дата од животот на Рацин, со некоја клучна објава, со фрагменти од неховото творештво како мото. Така ова писмо се отвора со 22 декември 1908 кога за семејството Солеви, но и за целата македонска нација СИЛНО СВЕТНУВА ДЕНОТ засилен со фрагмент од „Копачите“:
Пробудете се морни
копачи и копачки –
на трудот
црн
народ!
Се затвора со проштевањето, лично, колективно, национално на 13 јуни 1943 зачинето со фрагменти од Рациновите песни „Балада за непознатиот“:
Никој крај него немаше –
вишнето небо врз него,
вишнето небо врз него,
над гробот врба стушена.
и „Проштавање“:
Но почуј, Вело, што ќе ти кажам!
Не ми се, Вело, жали и клети!
Подигни очи – очи засвети
онија очи, што душа горат!
Некои особености на овој животопис се прецизно забележани и окарактеризирани од академик Ќулавкова кога истакнува дека во него се внесени „елементи на поетизација и драматизација на мета-биографскиот стил“, дека таа Рацинова биографија „на места е лирична, емотивна“ и дека е илустрирана со стихови и со архивски материјали (фотографии, писма, ракописи). Овој животопис дише во ритамот на Рациновиот лик, на Рациновиот ракопис, на неговите писма и дописни картички. „Оваа биографија не е литераризирана, не е романсирана, не е директна реконструкција во облик на фикција на животот на Рацин, но се чита со внимание како да е токму тоа.“, поентира Ќулавкова.

Третиот том не е само опис на животот, туку и опис на творештвото на Рацин. Творештвото не беше концепциски предвидено да биде во фокусот на оваа приказна за животната приказна на Рацин, но имав чувство дека тоа творештво не може а да не биде составен дел на овој животопис, затоа што е клучен составен дел од животот на Кочо Рацин. Впрочем Рацин е и работник, и борец за работничките права, и револуционер, и борец за социјална правда, но е и автор со големо А!
Конечно, овој том посветен на биографијата на Кочо Рацин го има неопходниот потенцијал за да освои разни видови читателската публика, затоа внимателно исчитав и книги што не се строго биографии, како онаа романизирана „Антологија на болката“ од Јордан Леов, па и драмата „Црвениот поет“ од Сашко Насев, но внамателно ја изгледав и тв-серијата која произлезе од оваа драма, но и стрипот „Кочо Рацин: живот, песни и смрт“ на В. Трајков и Д. Михајловски.
А започнав да го пишувам на 7 јуни 2024, на денот кога во 1945 година е донесен Правописот на македонскиот јазик. Еден месец претходно, на 5 мај 1945, со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик. Со ова се заокрижи еден од темелите на македонската државност, удрени со решението на АСНОМ од 2 август 1944, донесено во манастирот Св. Прохор Пчински, со кое македонскиот јазик се заведе како службен јазик на македонската држава. Сосема случајно првите страници се испишаа токму на овој ден. Самата животна приказна за Коста Солев, за Кочо Рацин, како да сакаше да започне да се отплеткува токму од овој ден, на денот на Правописот на македонскиот јазик. И тоа во годината (2024) кога се навршија 85 години од неговите „Бели мугри“ и 80 години од обзнанувањето на македонскиот јазик за службен во современа, слободна Македонија. Последните зборови за Рациновиот животопис ги испишав на 2 август 2024, денот на востаничкиот Илинден (1903) на којшто Рацин му го посвети текстот „Значението на Илинден“:
„У историјата на македонскиот народ има многу места кај што се покажује сичко онова што е битно за неговата борба за ослободуење. Секоа народна историја има таквиа места ели датуми, па и македонската историја. А еден таков, и това, може би, најголем е Илинден ели Илинденското востание. Това е денот, кога заспалиот македонски народ, разбуден од петвековниот сон се разбудуе и стануе да оди со свои нозе по своиот вистински пат. Точно, Илинденското востание не го доврши тој пат. Това само го почна тој пат, поправо, само го покажа за тие што вистински се борат за вистинска слобода на Македонија. И баш затова оти тој пат не е довршен, оти само ако понего се тргне ќе се дојде до слободата на Македонија, баш затова ние младите, напредните синови на оваја поробена земја, треба да го цениме и учиме Илинден, за да би ја постигнале целта на својата борба и слобода на Македонија. (…) Илинден е најголемата дата у целата досегашна борба на македонскиот народ. Илинден беше првиот вистински пат и едничок начин да се ослободи тој народ, и као таков, тој покажа со крваво платено искуство, како требе да се води таја борба, и како секога, не се оди по него, се праќа со скапа крв и борбата заостануе назад. (…) …Македониа не е земја од еден народ ами група од неколку народи, кои се поврзани со своите економски и териториални интереси, и као такви, само на една земја, под свое слободно, демократско управление, можат да живеат како слободни. Кога некои од државите сакајат да ги „ослободат“, това не значи ништо друго до да ги турат под своја власт, да ги поробат. За това само борбата на самите Македонци може да и даде слобода на Македониа – а секој друг — само робство.“
Скоро два месеца патував по сите оние места во коишто Рацин има оставено дел од својата душа, од своите мисли и своите страсти.
По повод 40 години од излегувањето на „Бели мугри“, Александар Спасов својата беседа искажана на свечениот собир во МАНУ (на 23 ноември 1979 година) ја насловува со: СЕКОЈ НАРОД ЈА ПЕЕ СВОЈАТА ПЕСНА.
„Зошто во случајов толку долго памтиме?“, прашува Спасов тогаш. И навистина зошто толку долго памтиме, еве и после 86 години од излегувањето на Рациновите „Бели мугри“? „Нели постојат закони на самата природа што и нè принудуваат во името на идниот опстанок многу нешто (и многу нашта) да заборавиме, па и да ги отфрлиме, за да можеме да се движиме полесно само напред и напред? Дали е во прашање нагонот на потомците да се идентификуваат со предците, барајќи си ја својата автентичност?“, вели Спасов.
Очигледно токму во таа потреба за идентификација на потомците т.е. следбениците во претходниците се крие целата страст да се читаат и читаат стиховите од „Бели мугри“, да се пишува и пишува за Рацин.
Димитар Митрев во својата беседа по повод 25 години од загинувањето на Рацин искажана на свечениот собир во МАНУ на 13 јуни 1968 година ќе каже: „На идните испитувачи веројатно им остануваат малку можности да откријат нешто суштествено ново за неговата трагично прекината повест и за неговиот лик на творец којшто претставува почетно поглавје во развитокот на современата македонска национална култура. Но тоа не значи дека темата Рацин не може да биде предмет на нови преокупации“. Рацин е вечна провокација зашто тој се прима како „симптом и симбол на најсудбоносната фаза во еволуцијата на нашето национално созревање“, поентира Митрев.

Во веќе спомената беседа, Александар Спасов се повикува и на зборовите на еден Карел Чапек и вели: „Мајчиниот јазик е јазик на детството, првиот говор на душата, богатството на првите авантури, пронајдоци и откритија; вечно се надоврзуваш на своето детство ако зборуваш на мајчиниот јазик. (…) Јазикот е вистинската поврзаност на народот… Јазикот е единствен автентичен израз на душата на народот.“. Но и на Томас Елиот, па пишува: „На еден народ може да му се одземе неговиот јазик, може да се потисне тој јазик и во училиште да се наметне друг; но додека не го научите тој народ да чувствува на новиот јазик, стариот не сте го искорениле и тој одново ќе се појави во поезијата која е тркало на чувствата… Ниедна уметност не е поупорно национална од поезијата.“ За на крај да поентира: „Нашиот заробен мајчин јазик се појави, поточно: просто изби во „Бели мугри“. „Бели мугри“ беа навестување и на слободата на македонскиот јазик.“
А додека пишував и додека читав за Рацин ми одѕвонуваа зборовите на Горан Калоѓера: „Никогаш не е доволно да се пишува за Кочо Рацин“.
И навистина никогаш не е доволно!
„Тој се јави во мал народ и тоа во време кога тој народ сè порешително ја изразуваше својата национална индивидуалност. Тој не беше само човек на литературата, ами по силата на околностите тој требаше, без никакви привилегии, да се вклучи во секидневната практична дејност, полна со опасност, за проширување на социјалните и националните права на својот народ, подложен на секаква дискриминација. (…) Во еден таков човек се обединува писател и подвижник, личност крвно сврзана со оние сили во својот народ и во светот што го чистат патот за прогресот“, пишува Блаже Конески.
Искрено се надевам, дека овој Животопис успева да го расветли Рацин: како син и на своите Марија и Апостол и на својот македонски народ, и како писател и како подвижник, и како работник и како интелектуалец, и како мислител и како револуционер, но и како страстен човек, и во љубовта кон жената и во љубовта кон земјата.
Рациновата животна приказна во третиот том се затворa со песната „Колцето негово“ од Матеја Матевски. Па нека врти колцето негово онака како што врти секогаш кога сме во неговиот дом. Онака како што врти секогаш кога ја читаме, кога ја слушаме „Бели мугри“. Онака како што врти кога го читаме Рацин, кога читаме и пишуваме за Рацин. Имам чувство, дека и сега, тука во МАНУ, врти колцето негово.
*Целосното обраќање на универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска на промоцијата на едицијата „Кочо Рацин“ во Македонската академија на науките и уметностите. Таа е авторка и приредувачка на третиот том од едицијата – „Животопис“.