Муцунски, Љутков и Ѓорѓиевски на презентација на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ во Брисел

Министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за култура и туризам, Зоран Љутков и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска престојуваат во Брисел во рамки на институционалната презентација на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. 

Според најавите, предвидено е Муцунски, Љутков и Ѓорѓиевски попладнево да се сретнат со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалeф. 

Покрај тоа, Љутков и Ѓорѓиевски ќе имаат средба и со генералната директорка на Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура (ДГ EAЦ) при Европската комисија, Пиа Аренкилде Хансен. 

Во пресрет на денешната посета, Муцунски, Љутков и Ѓорѓиевски во вторникот одржаа координативна средба посветена на заедничката стратегија и институционална презентација на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. 

– Зацврстуваме стратегија, градиме прецизна комуникација и создаваме заеднички фронт со европските партнери, затоа што Скопје заслужува да биде претставено силно, достоинствено и современо. Со ова покажуваме и дека сме целосно посветени на процесите, на целите и на европските стандарди што ни се водилка, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук по средбата. 

Тој додаде дека средбата претставува јасен сигнал дека централната и локалната власт имаат план и работат синхронизирано со чиста визија и енергија, со јасна задача Скопје да биде поставено „високо на европската културна мапа, таму каде што му е местото“. 

– Продолжуваме активно, одговорно и со обединета визија. Го зајакнуваме патот на Скопје кон европските практики и ја вреднуваме нашата културна иднина со работа, со посветеност и со верба дека оваа приказна ќе биде успешна и препознатлива. Скопје 2028 е иднината што ја градиме заедно, наведе Ѓорѓиевски.  

Инаку, министерот Муцунски синоќа присуствуваше на неформалната вечера што за шефовите на дипломатиите на шесте земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата од Западниот Балкан ја организираше високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.   

Средбата беше фокусирана на зајакнување на соработка меѓу ЕУ и партнерите од Западниот Балкан за справување со глобалните и регионалните предизвици, вклучително и потребата од навремена и сеопфатна помош за Украина. Средбата претставуваше реафирмација на посветеноста на Унијата кон регионот и потврда дека проширувањето останува најважниот геополитички проект за стабилност и безбедност на европскиот континент.   

Претходно, вчера попладне Муцунски имаше средба и со еврокомесарката за проширување Марта Кос во Брисел, на која беше потврдена силната посветеност на земјата на евроинтегративниот пат, на континуитетот во реформските процеси, како и на носењето на законите што се составен дел од пристапниот процес. Средбата беше фокусирана на заедничките безбедносни предизвици и продлабочувањето на соработката во областа на безбедноста и одбраната.

Зачлени се на нашиот е-билтен