Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На денешен ден почина Блаже Конески, академик, еден од најистакнатите македонски културни дејци, писател, врвен поет и научник

На денешен ден во 1993 година, во Скопје почина Блаже Конески, академик, еден од најистакнатите македонски културни дејци, писател, врвен поет и научник, чие творечко истражување дало огромни резултати во македонската литература, во областа на граматиката и во историјата на македонскиот јазик и во областа на културната историја на македонскиот народ.

Тој бил прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, почесен доктор на Чикашкиот универзитет и на Универзитетот во Врацлав.

Негова прва книга е поемата „Мостот“, ја објавил непосредно по војната во 1945 година, а потоа ги објавил делата „Земја и љубовта“, „Песни“, „Везилка“, „Лозје“, „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Светото на песната и легендата“ и други.

Автор е на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на „Граматика на македонскиот јазик“, „Историја на македонскиот јазик“, „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската поезија“.

Во македонската современа општествена стварност, во смисла на одбрана на македонската држава и македонскиот јазик, како темели на македонскиот национален и историски идентитет е позната неговата максима: „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“. Покрај другите награди, добитник е на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1981 година. Роден бил во селото Небрегово, Прилепско, на 19 декември 1921 година. 

Во продолжение ви го препорачуваме првиот дел од фељтонот за Конески што Рацин.мк во неколку продолженија го објави со извадоци од критичкото издание на МАНУ од 2014, во пресрет на 5 Мај, Денот на македонскиот јазик.

Треба да знаете
Moже да ве интересира