На првиот ден од маѓународниот 21. Саем на книгата во Солун, на 8 мај, ќе биде промовиран романот „Столб што пее“ од македонскиот писател Томислав Османли. Под насловот (“Η Αρμονική Στήλη”) во превод на Д-р Ставрула Маврогени на грчки јазик. Романот беше објавен пред неколку месеци од страна на солунското книгоиздателство „Literatus“, по избор на директорот и главен уредник, антологичарот и публицист Д-р Ставрос Дајос. Оригиналното издание на романот „Столб што пее“ е публикувано 2022 година од „ВиГ Зеница“ од Скопје.
Саемската промоција на книгата што влегува во тематот „Балканска литература“ ќе се одржи на 8 мај во 15:00 часот, на штандот 13, во салата „Теодоракис“, дел од Солунското сајмиште.
Промотори на грчкото издание на романот ќе бидат: Проф. Д-р Ставрула Маврогени, професорка по Балкански, Словенски и Ориентални Студии на Универзитетот Македоѝа и предевувачка на романот; и писателот г. Вангелис Тасиопулос, до неодамна и претседател на Сојузот на писателите на Солун, инаку автор на предговорот кон грчкото издание на грчкото издание на нашиот роман. Промоцијата ќе ја модерира авторот г. Георгиос Хаѕистефанус.
Романот на Османли е антивоена проза со длабок историски рез и со широк дијахрониски опфат. Неговото дејствие опфаќа цели деветнаесет столетија, почнувајќи од Првиот до Дваесет и првиот век. Својата книжевна метафора нашиот автор ја гради преку столбецот со оптимистичка песна и музички запис на малоазискиот поет и композитор Сејкилос од древниот град Тралејс, место и простор што во првата половина од Дваесеттиот век ќе стане крваво воено поприште на малоазиското продолжение на, инаку, тукушто завршената Прва светска војна. Низ богата галерија ликови, карактеристика на романескнто творфештво на Томислав Османли, „Столбот што пее“ ја доловува и современата драма на воените уништувања, растот на меѓуентпките и меѓуверските омрази во сожителските средини, бегалските кризи и страдањата на „луѓето од гумените чамци“, сѐ до почетокот на руско-украинскиот воен судир… Според комплексноста на книжевниот, фактографскиот зафат и мултимедијалноста што ја содржи, романот на Османли се истакнува како една од најпарадигматичните македонски прозни книги.
Инаку, ова е трето претставување на дело од Томислав Османли на престижниот солунски Меѓународен саем на книгата. Преходните претставувања на нашиот автор се случија во 2015 година со романот „Дваесет и првиот“ издание на англиски јазик на „Магор“ и 2017-та, со претставувањето од страна на истакнати грчки автори од Солун, на двојазичната книга „Светилка за Ханука“ што на македонски и на англиски, своевремено беше публикувана од скопски „Форум“.
На четиридневниот 21. International Thessaloniki Book Fair учествуваат 850 грчки и меѓународни автори, на повеќе од 500 закажани настани со 1.500 говорници. Саемот се одржува во 14 сали за настани и четири згради (кои се протегаат на 16.000 м²). Овогодишна земја-почесен учесник е Италија.
Грчкиот, е прв превод на странски јазик на романот „Столб што пее“, кој во Македонија доби редица позитивни одгласи од стручната, како и од читателската јавност. Тој беше финалист на конкурсите за Роман на годината во 2022 година и на наградата „Стале Попов“ на ДПМ за 2023 година. Грчкото издание на романот е овозможено со финаниската поддршка од фондот за преводи на македонски книги во странство, на нашето Министерство за култура и туризам.
Наскоро овој престижен роман на Османли треба да биде објавен и во Србија.