Најголемиот музеј во светот посветен на древниот Египет беше официјално отворен
Големиот египетски музеј, најголемиот музеј во светот посветен на древната египетска цивилизација, денес во Египет беше официјално отворен.
Музејот кој се наоѓа во близина на пирамидите во Гиза, на периферијата на Каиро е граден повеќе од 20 години.
Во него се изложени повеќе од 50.000 предмети што го опишуваат животот во древниот Египет, а за јавноста ќе биде отворен од 4 ноември, годишнината од откривањето на гробницата на фараонот Тутанкамон.
Во соопштението, претседателството на Египет, Абдел Фатах ел-Сиси , го нарече свеченото отворање, на кое беа поканети бројни светски лидери, „исклучителен настан во историјата на човечката култура и цивилизација“.
Египетскиот претседател, на социјалните мрежи објави дека музејот ќе „ги спои генијалноста на древните Египќани и креативноста на модерните Египќани, унапредувајќи ја светската култура и уметност со ново обележје што ќе ги привлече сите оние кои ја ценат цивилизацијата и знаењето“.
Музејот е еден од неколкуте мегапроекти што ел-Сиси ги поддржа откако ја презеде функцијата во 2014 година.
Подготовките за големото отворање беа обвиткани во тајност.
Пред церемонијата на отворањето, безбедносните мерки околу Каиро беа засилени, а владата го прогласи денешниот ден за државен празник.
Во дворот на музејот беше поставена сцена за да се свири „глобалната симфонија на човештвото“, според египетските медиуми.
Музејот, кој повремено беше отворен за мали посети во последните неколку години, беше затворен во последните две недели за финални подготовки за отворањето.
Египетската влада го обнови просторот околу музејот и блиското плато Гиза, каде што се наоѓаат пирамидите и Сфингата. Патиштата се асфалтирани, а за подобар пристап, се гради метро станица пред портата на музејот.
Западно од Каиро, на 40 минути од музејот, беше отворен Меѓународниот аеродром Сфинга.
Изградбата на музејот, во која беа инвестирани повеќе од 800 милиони евра, започна во 2005 година, но беше прекината поради политичка нестабилност, додека отворањето беше одложувано неколку пати.
Музејот има висока триаголна стаклена фасада, слична на блиските пирамиди, а неговиот постојан изложбен простор е 24.000 квадратни метри.
На влезот во атриумот се наоѓа голема гранитна статуа на Рамзес II (владеел од 1279 до 1213 година п.н.е.), еден од најмоќните фараони на антички Египет. Рамзес го проширил антички Египет сè до денешна Сирија на исток и Судан на југ.
Од атриумот, до главните галерии и погледот на блиските пирамиди, големо скалиште опкружено со антички статуи води низ шесте ката на музејот.
Музејот и пирамидите се поврзани со мост, преку кој туристите можат да поминат пеш или со електрични возила.
Во 12-те главни галерии на музејот, отворен минатата година, се наоѓаат антиквитети од праисторијата до римската ера, организирани по епохи и теми.
Во две сали има 5.000 предмети од колекцијата на кралот Тутанкамон, кои ќе бидат целосно изложени за прв пат откако британскиот археолог Хауард Картер ја открил гробницата на фараонот во Луксор во 1922 година.
Најпознатиот археолог и поранешен министер за антиквитети на Египет, Захи Хавас, вели дека колекцијата на Тутанкамон е ремек-дело на музејот.
„Зошто е толку важен овој музеј и зошто сите чекаат да се отвори? Поради Тутанкамон“, рече Хавас.
Колекцијата вклучува три саркофази и шест кочии, златниот престол на Тутанкамон, неговиот позлатен саркофаг и погребна маска направена од злато, кварц, лапис лазули и обоено стакло.
Овој културен мегапроект, исто така, има за цел да го оживее туристичкиот сектор и економијата на земјата, ослабени од децениите стагнација и немири по бранот демонстрации за време на Арапската пролет во 2011 година.
Владата на Египет се надева дека музејот ќе привлече повеќе туристи кои ќе останат некое време и ќе ѝ обезбедат на земјата прилив на странска валута, што е потребно за закрепнување на економијата.
Египетскиот туризам почна да се опоравува во последните години, по пандемијата на коронавирусот и руската инвазија на Украина.
Министерот за туризам и антиквитети Шериф Фати изјави дека Египет очекува околу 18 милиони туристи оваа година.
Минатата година, рекордни 15,7 милиони туристи го посетија Египет. Според официјалните податоци, тие придонесоа осум проценти од бруто домашниот производ на земјата.
Властите на Египет имаат за цел да привлечат 30 милиони посетители годишно до 2032 година.

