Намита Субиото, Словенката што се грижи за македонистиката

Проф. д-р Намита Субиото, ја води Катедрата за македонски јазик и книжевност на одделот за Славистика при Филозофскиот факултет во Љубљана и е една од поистакнатите проучувачи, предавачи и промоторка на македонскиот јазик, литература и култура во мрежата од странски македонисти во светот, којашто е огромен потенцијал за афирмација на македонскиот јазик и култура.

Намита Субиото, освен што го раководи Лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, како прв лекторат во странство основан уште во 1961 година, е редовна гостинка како предавач на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, кој секоја година традиционално се одржува во Охрид

Во една од средбите со Намита Субиото за време на семинарот, таа ги издвојува убавата атмосфера и гостољубието за време на одржувањето на овој научен симпозиум и како посебно значајни ги посочува исклучително важни средбите со врвните стручњаци по македонски јазик, литертура, култура, историја од повеќе универзитетски центри во светот.

– Не завршува сѐ со семинарот, туку управата на семинаро и нејзините соработници ја следат нашата работа преку целата година и тоа многу ни значи. Ја имаме нивната поддршка и мислам дека оваа институција заслужува многу високо признание од македонската држава затоа што грижи за промоција на македонската култура надвор од Македонија, истакнува проф. д-р Намита Субиото од Љубљана.

Таа вели дека од особена важност е „вмрежувањето“ и континуираната комуникација која останува активна меѓу две летни школи.

– За време на семинарот можете да се сретнете со стари пријатели со коишто сте учеле во иста група, но, еве, на пример, сега и мои студенти тука стекнуваат нови познанства и се среќаваат и на други славистички конференции, на други славистички центри во Србија, во Хрватска, во Полска и така натаму. Некои кои се определуваат за академска кариера ги продолжуваат тие познанства. Убаво е да се направи едно вакво генерациско поврзување. Интересно е кога во групата има луѓе од различна возраст, различни идеи се вкрстуваат, истакнува проф. д-р Намита Субиото, која ја води Катедрата за македонски јазик и книжевност на одделот за Славистика при Филозофскиот факултет во Љубљана.

Македонистиката има цврсти темели и треба смело да продолжи понатаму

Во едно неодамнешно интервју за Республика.еду.мк, Субиото се осврнува на важноста на постојаната и посветена грижа за македонистиката.

– Ова важи за секој политички контекст и никогаш не е едноставно, но македонистиката е цврсто втемелена во делото на големите македонисти со Конески на чело и треба само смело да се продолжи понатаму. За да се постигнат добри резултати е многу важна добра, искрена и сложна соработка на сите државни македонистички институции, нагласува проф. д-р Намита Субиото од Филозофскиот факултет во Љубљана.

На прашањето што треба да се направи за да се зајакнат катедрите и лекторатите надвор од земјата, таа вели дека лекторатите за македонски јазик, литература и култура надвор од земјата треба да се сметаат за значајни центри не само за изучување на јазикот туку и за промоција на државата воопшто.

– Да се поддржуваат државните македонистички институции, да се иницираат и да се поддржуваат квалитетни проекти, да се покаже и докаже разбирање дека грижата за македонскиот јазик и афирмација на македонската литература и култура не се само приоритетни задачи туку и национална гордост, вели македонистката Намита Субиото.

Во таа насока треба да се гледаат и нејзините редовни активности на овој план. Намита Субиото е приредувач на изборот „Златен круг на времето“. Ова луксузно издание, кое го подготви Субиото заедно со Маја Ковач и Соња Цекова Стојаноска, по повод 100-те годината од раѓањето на Ацо Шопов содржи двојазичен избор од неговата поезија преку одличните словенечки препеви на поети како Богомил Фатур, Иван Минати, Цирил Злобец, Северин Шали и Јоже Шмит, но и во кое се претставени и најновите препеви на современите словенечки поети и македонисти.

Словенија има континуиран интерес за македонската литература и култура

На Филозофскиот факултет во Љубљана, македонскиот јазик, литература и култура се изучуваат како задолжителни предмети на преддипломската и дипломската програма Јужнословенски студии, а македонистичките содржини се вклучени и во докторската програма Хуманистика и општествени науки, насока Славистички студии.

Интересот не е масовен, но е постојан, но она што исто така значајно, вели Субиото, е дека оваа катедра има голем приоднес во градење на интересот на словенечката јавност и на издавачите во Словенија за македонската литература?

– Годинава одбележуваме 90 години од раѓањето на еден од најистакнатите македонски прозаисти – Ташко Георгиевски. Кога го истражував неговиот опус за мојата докторска дисертација, имав чест да се запознаам со него лично и тој ми кажа дека токму мојот професор, основачот на Катедрата за македонски јазик и книжевност, Драги Стефанија, е најзаслужен за објавувањето на неговите романи „Црно семе“ и „Црвениот коњ“ на словенечки, открива Намита Субиото.

Таа вели дека на катедрата постојано се трудат да го задржат интересот на словенечката јавност за македонската литература.

– Соработуваме со неколку издавачи, со Друштвото на словенечки писатели и Друштвото на словенечки книжевни преведувачи, со националните медиуми… А тука се и одличните светски реномирани современи автори и авторки, како Лидија Димковска, Гоце Смилевски, Румена Бужаровска, Никола Маџиров кои го привлекуваат вниманието на словенеките читатели и без посебно ангажирање на нашата катедра, нагласува Намита Субиото.

Иако бројот на нејзините студенти не е голем, досега под нејзиното менторство се одбранети над 80 дипломски и магистерски трудови, постоењето на катедрата игра значајна улога во промоција на Македонија, но и во одржување на релација со македонските културни друштва кои постојат во Словенија.

„Тоа е дел од нашата работа како македонисти. Се грижиме за македонистиката, ја негуваме и развиваме и настојуваме нејзината важност да биде аргументирана со добри резултати од нашата работа“, вели проф. д-р Намита Субиото, раководител на Катедрата за македонски јазик и книжевност на одделот за Славистика при Филозофскиот факултет во Љубљана.

*За оваа тема се користени делови од интервјуто на Ана Арсенковска Зафирова со проф. д-р Намита Субиото, објавено на академскиот блог республика.еду.мк на Институтот за комуникациски студии

Фотографиите се од приватна архива на проф. д-р Намита Субиото

Зачлени се на нашиот е-билтен