Деновиве излезе од печат „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“, најново книжевно дело на стрип-хроничарот Александар Стеванов од Штип.
Станува збор за истражувачка студија со фабуларна структурираност, во која е обработена своевремено популарната српска периодична публикација „ЈУ стрип“, со посебен акцент на неколкуте македонски автори што со свои стрипови биле застапени на нејзините страници.
– Во својата блескава публикација, Стеванов дава детален приказ на српската ревија „ЈУ стрип“ што „Дечје новине“ од Горњи Милановац ја издава во периодот 1977 – 1987 година, како и на сите македонски творци што со свои дела биле застапени во неа. Книгата „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“ на Александар Стеванов е допадливо напишана, мајсторски уредена, современо дизајнирана, богато илустрирана и обилно референцирана, пишува дипломираниот моден и индустриски дизајнер Моника Гачева, во рецензијата кон книгата.
„Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“ е деветта публикација на тема историја на деветтата уметност во авторство на Стеванов. На истата тема тој објавувал и во поголем број списанија, а се јавува и како автор на стрипови. Со стрипот „Балада за мојот непријател“, тој беше застапен на групната изложба на актуелен македонски стрип неодамна поставена во Сомбор, а најавено е дека ќе учествува и на првото издание на стрип-фестивалот „Стрип трип“ што на 17 и 18 јуни ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје.
Објавувањето на публикацијата е поддржано од Министерството за култура.