Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, во соработка со „Поетска ноќ во Велестово“ од Охрид и „Култура Бета“ од Скопје, в сабота, на 7 февруари, во Охрид ќе го реализира осмото издание на проектот „Добри гости“, преку кој иницира серија книжевни гостувања на автори од Скопје во внатрешноста на земјата на заеднички читања со локални автори, а во соработка со локални чинители.
Настанот ќе се одржи на 7 февруари, во КУЛТ Културен цнтар во Охрид, со почеток од 18:30 часот, и поддржан е од Општина Охрид, како неофицијален настан од програмата на „Прличеви беседи“ 2026 г.
На осмото издание на „Добри гости“ во Охрид ќе учествуваат: Игор Анѓелков, Снежана Младеновска Анѓелков, Теодор Тасевски, Јана Секулоска, Марија Велинова, Тони Попов, Марина Шикова Димовска, Јордан Коцевски, Марина Икономова Шокева, Зоран Јакимоски, Славе Ѓорѓо Димоски, Мирко Томовски, Митре Мангоски Радождански, Митко Колјушевски, Андреј Медиќ Лазаревски и Јулијана Величковска.
Настанот ќе започне со промоција на најновата стихозбика на Андреј Медиќ Лазаревски ‒ „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“, издание на „Култура Бета“. Промотор ќе биде Јулијана Величковска, а потем ќе следува и книжевното читање на кое ќе настапат сите учесници.
Серијата „Добри гости“ се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично.
Проектот досега се одржа во Штип, во Тетово, во Струмица, во Демир Хисар, во Куманово, во Охрид и во Прилеп, а планирани се гостувања во уште градови низ земјата.