Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска во утринската емисија на телевизија Телма рече дека е неопходно заедничко делување преку кампањи и едукација на родителите и децата за надминување на вандализмот.
„Имавме успешни кампањи со МВР, како и со Макпетрол – „Крени глас“, кои го нагласуваат значењето на воспитувањето и едукацијата. Организиравме работилници во сите училишта, што значително го подобрија дијалогот меѓу наставниците, родителите и децата. Дополнително, спроведовме ‘соседски патроли’ заедно со МВР, наставниците и родителите, каде што заедно разговаравме и решававме проблеми“, изјави Герасимовски.
Психологот Тијана Ивановска, во емисијата посочи дека Општината вложува максимални напори во рамки на своите ингеренции, но кога веќе ќе се појави проблем, станува неопходно детето да се ресоцијализира и затоа се потребни допоилнителни напори.
„Иако општината прави сè што е во нејзина надлежност, важно е да се обезбеди дополнителна стимулација за да им се помогне на младите да се пронајдат и да се развијат, да најдат своја улога во општеството“, истакна Ивановска.
Во однос на културата и спортот, Герасимовски информираше дека буџетот за култура кога кога стапил на функцијата градоначалник изнесувал 3 милиони денари, а за 2025 година изнесува 13 милиони денари.
„Младите масовно учествуваат на културните и спортските настани кои ги организираме, а посебен акцент ставаме на едукативните програми за учениците. Доделуваме значителен број стипендии за ученици и организираме натпревари во различни области. Родителите играат клучна улога, и ги охрабруваме активно да ги поддржуваат своите деца. Со заеднички напори можеме да создадеме позитивни промени во нашата заедница“, потенцираше Герасимовски.