Отворено 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Следуваат седум дена фестивал, седумдесет филмови и повеќе од 400 автори, уметници од сите меридијани ќе чекорат низ Битола, градот што овие ноќи ќе сонува низ светлината и сенката на платното.
-По точно 19 години, стојам овде, на истото место со микрофон, во оваа сала малку во поинаква улога. Пред 19 години, како млад актер го отворав 27-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ како водител. Тогаш во протоколарниот ред седеше Томи Салковски, како сега, но во тоа време беше директор на фестивалот. Забележувам во последните два реда студенти, така беше и во тоа време и јас таму седев како студент и ете за 20 години можеби некој од вас ќе биде на ова место. Изминативе 20 години често доаѓав на „Браќа Манаки“ со филмовите во кои што играв и секогаш се враќав со многу возбуда и со голема среќа да бидам овде. Она што го прави посебен овој фестивал се исклучителната селекција на филмови, луѓето кои доаѓаат, гостите и секако дружењето и запознавањето нови луѓе. Тоа е шармот, тоа е магијата на овој фестивал и никој никогаш нема да може да му го оздеме. Тоа е кодот која што ќе трае засекогаш. Тој е нашиот сон. Ние сонуваме големи платна, сонуваме големи филмови. Некои да играат, други да снимаат, трети да монтираат, да продуцираат, да режираат. Наш сон, убав што го живееме токму овде. Да продолжиме наредните седум денови да сонуваме радост, да сонуваме љубов и да уживаме во овој фестивал. Да живее „Браќа Манаки!“, рече директорот на фестивалот Димитрија Доксевски.
Киро Урдин го изработи плакатот за ова издание на фестивалот. Неговата работа ги поврзува сликарството, литературата, филмот и концептуалната уметност, а вечерва фестивалот „Браќа Манаки“ му изрази искрена благодарност за неговата неуморна посветеност и сето негово уметничко творештво.
Оваа година се одбележува и 75 години од ДФРМ. Друштвото е срцето и моторот на овој фестивал.
-Големи бројки се 75 години ДФРМ, 46 години „Браќа Манаки“ дури и за некои поголеми од нас. Воведовме нова награда, нешто што досега не сме го правеле. Таа се доделува во ретки случаи, понекогаш, можеби еднаш во 10 години и вечерва ќе ја добие некој што е единствен меѓу нас што 46 години не пропуштил ниту едно издание на фестивалот, рече Игор Иванов, претседател на ДФРМ.
Лауреат на наградата Златен медал е филмскиот критичар Благоја Куновски Доре.
-Пред 30 години кога овој фестивал го имаше својот најголем подем бев поканет да бидам претседател на жири на студентската програма на фестивалот и тогаш го запознав Благоја Куновски Доре. Од тогаш непрекинато тече нашата голема соработка. И кога станав директор на ИФФК „Браќа Манаки“, бев 8 години директор и тогаш бевме најголеми соработници, се боревме да го промовираме македонскиот филм и да го донесеме најдоброто од светот кај нас. Тој продолжи понатаму. Не ме издржа само мене, ги издржа и сите понатаму кои беа директори и неуморно твореше, работеше и инсистираше во некакви подобрувања на овој фестивал, рече Томи Салковски, секретар на ДФРМ, кој најмногу соработувал со Куновски и го нарече најголемиот филмски критичар во Македонија на сите времиња, најголем презентер на македонскиот филм надвор од границите на Македонија и најголемиот соработник на Друштвото на филмски работници и фестивалот „Браќа Манаки“.
Доревски рече дека го трогна доделеното признание и дека бил посветен на една кариера која била исполнета со многу возбудувања.
-Му благодарам на Друштвото на филмски работници за ова внимание. Особено ме исполнува да сум дел од таа организација на филмаџиите и што сум дел од овој наш фестивал кој е еден од ретките, можеби единствен амбасадор на македонската култура. Филмовите и нивните автори сум ги доживувал како мисионери во поставувањето на еден подобар, поубав, похуман и подостоинствен свет во кој живееме, рече Куновски и посака успешно издание на фестивалот.
Наградата Златен медал и наградата Големата ѕвезда на македонскиот филм ги изработи компанијата „Божиновски“ од Битола.
Беше доделена и наградата на „Сумолајт“, „Креативна синергија“ која е востановена од минатата година и се доделува на кинематограферот и неговиот гафер. Наградата ја додели Тим Зур, основач на компанијата „Сумолајт“, а ја добија Бил Поуп и Џонатан Спенсер.
-Многу сум среќен што фестивалот „Браќа Манаки“ од минатата година ја востанови оваа награда бидејќи кинематограферите се оние кои што ги славиме овде, рече Зур.
Добитниците рекоа дека се почестени од признанието бидејќи е препознаена нивната работа, што досега тоа не било случај.
Во 21 век тешко може да се најде име како што е турскиот режисер Семи Капланоглу, годинешниот лауреат на наградата Златна камера 300 за особен придонес во светската кинематографија.

-Кога и да се најдев на сцена, вообичаено сум кажувал само по неколку збора и брзо сум заминувал. Но овој пат нема да биде така. Затоа што значењето на оваа награда има огромна тежина, и бидејќи многумина учествуваат во неа.
Добивањето на оваа награда тука во Битола, градот на браќата Манаки – пионерите на филмот во овие краишта – не само што е огромна чест за мене, туку и вистински потсетник за бесконечното патување на филмската уметност.
За мене филмот отсекогаш бил јазикот на светлината и сенките, на тишината и гласот, на сеќавањето и сништата. Затоа што уметноста е еден од најдлабоките патишта што придонесува кон духовниот развој на човечкото суштество. Како што рекол Јунус Емре, големиот поет-суфист на современиот турски јазик:
„Знаењето е да се спознаеш“.
И токму тоа е она што ни го нуди филмот: начини да се спознаеме себеси, едни со други и да ја спознаеме вистината.
На ова патување, се поклонувам полн со благодарност кон великаните чии дела ме привлекоа кон филмот – турските режисери Метин Еркасан и Омер Љутви Акад, како и Бресон и Тарковски, од кои ја научив вистината за филмот.
На мојот покоен татко, кој како дете ме воведе во светот на Микеланџело, Вермер и Рембрант, a кој и самиот беше фотограф и кој, кога имав само девет години, в’ раце ми даде 8-милиметарска камера.
На мајка ми, која не само што ме водеше во длабочините на турската поезија и книжевност, туку и кон великаните како Толстој и Достоевски.
А најдлабока благодарност должам на мојата сакана сопруга – писателката Лејла, мојата животна сопатничка, мојата светлина – која беше до мене во најтешките периоди, која ми даде сила кога паднав во очај, која ме поддржуваше во сите невозможни моменти, која беше моја инспирација и со која заеднички ги пишуваме нашите сценарија.
На кинематограферите со кои заедно правиме напори да ги растајниме мистериите на светлината и сенките, на човековото лице и на суштината на нештата: Хаик Киракорзијан, Озгур Екен, Бариш Озбичер и Жил Натгенс.
На гаферите, главните техничари, актерите, тимот за продукција и сите невидливи раце што на филмот му даваат живот.
Моите копродуценти: Бетина Брокемпер од Германија, Гијом де Сеј и Софи Дулак од Франција, Лилет Ботаси од Инкас филм од Грција.
Како и на Генералниот директорат за филм под Министерството за култура на Република Турција, ТРТ, но и многубројните ценети институции од мојата земја и од странство како ЗДФ-АРТЕ, со кои како копродуценти реализиравме 8 филма во изминатите 25 години – и на филмските фестивали и организации како ЦНЦ (CNC), АПСА (APSA) и Светскиот фонд за филм; нашите меѓународни дистрибутери, особено „Меч фектори“ (Match Factory) и „Филмс бутик“ (Films boutique), кои моите филмови ги прикажаа пред публика во повеќе од 40 земји.
Исто така сакам да изразам благодарност до Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и директорот Димитрија Доксевски.
Оваа награда е симбол на нашиот колективен труд.
И најпосле, ја посветувам оваа награда на режисерката и фотографка Фатима Хасуна, која беше убиена од израелските сили. Ја посветувам, во нејзино име, на децата, жените и сите невини цивили во Газа кои се жртви на геноцидот, рече Капланоглу.
Наградата му ја врачи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
-Битола како град на традицијата и културата повеќе од еден век ја негува традицијата на филмската уметност. Со гордост ја носиме историската оставина на браќата Манаки кои со својата камера пред 120 години ги испишаа првите страници на европската филмска историја. Токму во Битола започна патувањето на балканската кинематографија, а денес ние сме чувари и промотори на тоа наследство. Фестивалот „Браќа Манаки“ не е само културен настан, тој е симбол на идентитетот на Битола, прозорец кон светот и доказ дека нашата локална приказна има глобално значење, рече Коњановски.
Фестивалот го прогласи за отворен Претседателката, Гордана Сиљановска Давкова.
-Еве не на почетокот на 46 издание на ИФФК „Браќа Манаки“ кој годинава се одржува под мотото „Сон на платно“ што совршено ја одразува суштината на доблесните што ги славиме. Овој фестивал несомнено е еден од највредните и најпрепознатливите битолски, македонски, но и светски културни симболи. Тој е уникатна сцена на која се слави снимателот како автор, креатор, тивок, но моќен градител на секоја филмска приказна. Снимателот е сестран уметник. Тој ја визуелизира идејата, со камерата компонира и црта емоција, диктира ритам и креира атмосфера, рече Силјановска Давкова, која рече дека сега има збор филмската светлина.

Фестивалот беше отворен со филмот „Мајка“, инспириран од животот на Мајка Тереза на режисерката Теона Стругар- Митевска. Директор на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија. Сценографијата е на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев. Во главните улоги настапуваат светски познатите актерки Нуми Рапас и Силвија Хукс, заедно со Никола Ристановски, Лабина Митевска и други.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, Креативна Европа – МЕДИА (Creative Europe – MEDIA), Данскиот филмски институт, „Belgium Tax Shelter“, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови и Филмскиот фонд од Сараево.