Парашкеви Киријази, единствената жена на конгресот за Албанската азбука, којашто нема да ја најдете на официјалните фотографии

Киријази

Општите податоци и историски записи за Битолскиот конгрес на 22 ноември 1908 година кога е донесена одлука за унифицирање на Албанската азбука, се доволно познати и архивирани како сведоштво за историјата на создавањето на кодифицираното албанско писмо.

Но она што сѐ уште не е доволно афирмирано е дека на овој конгрес единствената жена била Парашќеви Киријази. И тоа како членка на Комисијата за кодификација на албанската азбука.

Парашќеви Киријази нема да ја најдете на фотографиите снимени на конгресот. На една од тие фотографии е нејзиниот брат Ѓерѓ Киријази, заедно со останатите членови на комисијата Ѓерѓ Фишта, Митхат Фашери, Луиџ Гуракуќи, Ндре Мједја, Григор Цилка , Таќи Буда, Шахин Колоња, Сотир Печи, Бајо Топули и Нужет Вриони.

Комисијата за унификација на албанската азбука: 1. Ѓерѓ Фишта 2. Митхат Фашери 3. Луиџ Гуракуќи 4. Ѓерѓ Кирјази 5. Ндре Мједја 6. Григор Цилка 7. Таќи Буда 8. Шахин Колоња 9. Сотир Печи 10. Бајо Топули 11. Нужет Вриони, Фотографирал Кел Маруби.

Но, зад тие фотографии стои приказната за Парашќеви Киријази, којашто заедно со браќата Герасим и Ѓерѓ, и со својата сестра Севасти, учествувале или биле основачи на најважните процеси од утврдувањето на албанската азбука и писмо, работеле на програмите за предметот албански јазик, и основале мрежа на училишта за девојки во Албанија.

Парашќеви Киријази

Парашќеви Кирјази, позната и како Парасќеви Д. Киријас, била родена на 27 мај 1886. Во официјалните записи стои дека е албанска учителка од семејството Кирјази која го посветила својот живот на албанската азбука и на наставата на пишан албански јазик.

Парашќеви Киријази го напишала првиот буквар за образовните програми во Албанија, објавен во 1909, една година после Битолскиот конгрес. Таа  ја напишала и химната за албанската азбука.

Парашќеви е позната и по тоа што организирала настава за деца и вечерни школи во селата во јужна Албанија, како и по нејзината улога при организацијата на локалните библиотеки.

Таа придонела за основањето на здружението Утринска Ѕвезда (на албански: Yll’ i Menjesit) во 1909 година.

Во 1914 година, како последица на грчката окупација на градот, таа ја напуштила Албанија за Романија заедно со нејзината сестра.

Подоцна, кога мигрирала во САД, продолжила да го издава списание Утринска Ѕвезда, во периодот од 1917 до 1920 година. Списанието излегувало на секои две недели и вклучувало статии за албанската политика, општество, историја, филологија, литература и фолклор.

Во САД  станала член на албанско-американската заедница, во чие име учествувала на Париската мировна конференција во 1919 година за да ги застапува правата на Албанците.

Парашќеви се вратила во Албанија во 1921 година, по што со интерес ги следела политичките случувања таму, без да ги изгуби од вид националните аспирации.

Таа била една од основачите и директорките на женската институција по име „Киријас“, именувана по нејзиното семејство, во Тирана и Камза, во соработка со нејзината сестра Севасти и Кристо Дако.

Букварот на Парашќеви Кирјази

Во октомври 1928 година, на иницијатива на Министерството за внатрешни работи, во Тирана била основана организацијата „Gruaja Shqiptare“ („Албанската жена“) со планови за создавање ограноци на национално ниво и во дијаспората. Била основана под покровителство на кралицата мајка и на сестрата на кралот Зогу, принцезата Саније. Организацијата имала за цел да ги промовира образованието, хигиената и добротворните активности, како и да ги подигне Албанките на повисоко културно ниво. Како добро образована жена, Парашќеви успеала да се стекне со лидерска позиција во оваа организација. Помеѓу 1929 и 1931 година, организацијата го објавувала своето периодично списание Shqiptarja („Албанката“), во кое биле објавени голем број написи од Парашќеви и нејзината сестра Севасти. Списанието се спротивставувало на конзервативното размислување, застапувајќи го женското движење и неговите барања.

Парашќеви била антифашист во текот на Втората светска војна, почнувајќи од италијанската инвазија во 1939 година. Поради нејзините антифашистички ставови, таа, како и нејзината сестра, била испратени во логорот Анхалтелагер Дедиње во близина на Белград од страна на пронацистичките единици предводени од Џафер Дева.

Парашќеви преживеала и се вратила во Тирана по војната, но таа и семејството на нејзината сестра по враќањето се соочиле со натамошно прогонство. Поради неговата поранешна поврзаност со Зогу, Кристо Дако бил постхумно оцрнет од комунистичкиот режим, и семејството Кирјази било принудено да ја напушти Тирана. Двајцата внуци на Парашќеви (синовите на Севасти) биле затворени, а на крајот еден од нив починал во затвор.

Напорите на албанскиот научник Скендер Луараси и политичарката Вито Капо евентуално довеле до делумна рехабилитација на сестрите Кирјази.

Парашќеви Киријази починала во Тирана на 17 декември 1970 година.

Доколку некогаш се пишува за жените што го разбиваат митот и стереотипот дека тие на Балканот отсекогаш биле на маргините или немала можност активно да се вклучуваат во важните општествени процеси, Парашќеви Киријази секако ќе биде едно од имињата која што во таа хроника зазема едно од највиоските и најзначајни места.

Зачлени се на нашиот е-билтен