Пармаковска: „Кривата Дијана“ е роман за магичниот круг на вината и траумите, но и за простувањето

Пармаковска

Свечено и во присуство на претставници од книжевниот свет, читатели и медиуми, вчеравечер (9 декември), во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ беше доделена наградата „Пегаз“ за 2025 година на писателката Фросина Пармаковска за романот „Кривата Дијана“.

Кон наградата и победничкиот роман се осврнаа Иван Додовски (професор, писател, книжевен и театарски критичар) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“), кои беа дел од жири-комисијата.

Ракописот „Кривата Дијана“ (со поднаслов „Роман за верижната вина“) е книга на актуелниот момент, кој трае повеќе од три децении во мерливо време, а многу подолго кога се мери со кантарот на погрешните постапки на секој член на заедницата. Ова е четиво за колективната несреќа што ја перпетуира верижната вина на секој од нас кој премолчел, потклекнал и превидел кога требало да се испречи пред туѓите човекови слабости. Инспирација за делото се реални трагични случувања во нашата држава изминатите години.

„Во сите мои романи досега е присутна нашата реалност, но во ’Кривата Дијана‘ најдиректно се занимавам со вистинските случувања околу нас. Во ова дело судбините на ликовите целосно зависат од реалноста – таа е присутна во нивните трауми. Всушност, траумата (општествена и индивидуална) е главната тема на романот, а се занимавам и со прашањата за загубата и повторувањето на истите болни ситуации. Инспирацијата ја црпев од нашето секојдневие. Толку е болно и толку е реално што, ако сум искрена, кога би можела, никогаш не би го напишала овој роман – ако немаше потреба да биде напишан и ако постоеше можност сето тоа да не се случи. Но, она што се случува во нашата земја последниве години многу ми влијаеше. Нема подобар материјал од она што го живееме. Можеби истражував и помалку отколку за другите романи, затоа што овој го зедов директно од изворот – нема посоодветен човек да ја опише колективната болка и траума од оној што реално ја живее и ја гледа секој ден, со години и со децении. Грешка, несреќа, трагедија, траума, вина – тука е суштината на романот“, рече Пармаковска.

Во книгата, авторката ги поставува прашањата што сите ние честопати си ги поставуваме: Зошто ни се случува ова? Зошто нам? Зошто токму сега? Зошто повторно?

„Но, ова е и роман за простувањето – за учењето да се излезе од магичниот круг. Секогаш сакам да има надеж во моите романи. Без верба дека ќе биде подобро, што би бил животот? Дијана се соочила со траума многу млада, живеела со очај и гнев, но научила да прости. Таа го избира тоа. Научила да живее со она што животот го донел, а вербата и надежта ја водат кон надминување на болката. Поуката е дека мора да научиме да ги прекинеме циклусите на грешки и трауми. Затоа романот го завршувам со доза надеж дека навистина може да стане подобро“, откри таа на крајот.

На седмиот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман во 2025 година, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“, пристигнаа 45 ракописи. За победникот одлучуваше тричленото стручно жири во кое, покрај Додовски и Бендевска, членуваше и професорката Соња Стојменска-Елзесер. Во најтесниот избор беа разгледани и романите: „Пацер“ од Коста Бојчески, „Изгубени низ дупки во џебовите“ од Ники Борас и „Солдат 1882“ од Добре Тодоровски.

Додовски изјави дека романот „Кривата Дијана“ отскокна од сите конкурентски ракописи и затоа жирито едногласно одлучи да му ја додели наградата „Пегаз“ за 2025 година, а својата одлука ја поткрепи со следното образложение:

„Следејќи ја личната приказна на неименуваниот наратор, за кој уште од првите страници добиваме назнака дека поминува низ некаква траума, го следиме формирањето на синџирот на заедничката траума, што го создаваат индивидуалните постапки, премолчувањата, инертноста, пасивноста и резигнираноста. Во овој роман, напишан со длабоко понирање во душата, со непретенциозна религиозна нота и со интроспекција на внатрешните немири, препознаваме траги од творечката преокупација на Достоевски, кај кого вината е најчесто морално-духовна и онтолошка, и која не е ограничена на личниот чин, туку се пренесува во сферата на меѓучовечката и на космичката одговорност. Иако романот содржи суптилна критика на политичката моќ, претставена преку персонифицираниот ’систем‘ како нешто отпорно на промени и суверено, сепак тоа не ја компромитира книжевната вредност на романот – напротив, од него прави книжевна тема“.

Уредничката Бисера Бендевска истакна дека „Кривата Дијана“ е роман со атмосфера што потсетува на руски класик.

„Од самиот почеток чувствуваме дека неименуваниот наратор сака да зборува за својата несреќа – прв чекор кон соочувањето со траумата. Сè уште не знаеме што го мачи, но ја чувствуваме неговата тежина, неговата заблудена потрага по смисла и обидот утехата да ја пронајде во книжевноста, токму кај Достоевски. Низ неговото ноќно талкање ги гледаме промените во надворешниот свет, кои болно нè асоцираат на нашето секојдневие – свет што се менува побрзо отколку што можеме да го разбереме. Заплетот почнува со појавата на кривата Дијана – лик што станува клучниот тригер кој го расветлува целиот механизам на романот. Со нејзиното влегување во приказната почнува вториот дел, во кој нараторот, веќе млад маж, се обидува да се избори со големата лична загуба: смртта на неговата свршеница во автобуска несреќа. Преку оваа структура, романот мајсторски ја истражува личната и колективната траума, начинот на кој ја носиме болката и обидите да излеземе од нејзиниот круг“, рече Бендевска.

Во меѓувреме, отворен е и осмиот конкурс за наградата „Пегаз“ за 2026 година. Можат да конкурираат сите необјавени романи напишани на македонски јазик, наменети за возрасни. Ракописите треба да ги достават самите автори на електронската пошта pegaz@arslamina.com, како ворд или ПДФ-документ, најдоцна до 1 јуни 2026 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен