Пијан Славеј со концертна промоција на својата петта поетска книга „Пружини“

Петтата поетска книга на Пијан Славеј, „Пружини“, ќе биде претставена пред скопската публика во сабота, на 19 септември, во „Цреша бар“. Промоцијата почнува во 20:30 часот и ќе биде проследена со настап на Hot Jazz Orchestra заедно со авторот.

Наместо вообичаено книжевно претставување, „Пружини“ ќе биде промовирана преку средба на поетскиот збор и музиката. Ваквиот формат се надоврзува на изразот на Пијан Славеј, во кој поезијата не останува само на страницата, туку добива глас, ритам и непосреден контакт со публиката.

Новата збирка е изградена околу чувството на минливост и притисокот што времето го врши врз човекот. Во неа се соголуваат илузиите за вечноста, додека личната слобода се судира со ограничувањата на животните механизми и секојдневието.

Песните создаваат свет на пусти плажи, лето што исчезнува пребргу, остарени чевли и тело што ги памети и сонцето и дождот. Тоа е поезија за загубата и траењето, но и за љубовта како место во кое човекот, и покрај сè, продолжува да бара дом.

Во огледот поместен во книгата, издавачот Дејан Трајкоски ја опишува „Пружини“ како дестилирана слика на минливоста и растргнатоста и како најзрело поетско остварување на авторот.

Пијан Славеј досега ги има објавено збирките „Креветизам и хоризонтала“ од 2018 година, „Срчки“ од 2020, „Полиграф“ од 2022 и „Јазик за двајца“ од 2024 година. Со „Пружини“ продолжува поетската линија што ја гради во изминатите осум години.

Книгата е објавена од „Прозарт медиа“, со поддршка од Министерството за култура и туризам. Организатори на концертната промоција се „Прозарт медиа“ и „Цреша бар“.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?