Вечерва пред македонската културна јавност ќе се претстави романскиот поет Козмин Перца со поетскиот перформанс „Војна“ со почеток во 20.30 часот, во кафе-книжарницата “Буква“.
На перформансот ќе му претходи кратко претставување на поетскиот опус на Перца од страна на Никола Маџиров и Владимир Мартиновски. По перформансот предвиден е и разговор со публиката кој ќе го води Роберт Алаѓозовски.
Поетскиот перформанс ќе биде изведен на англиски и на романски јазик со употреба на мултимедијални средства: музика, говор на телото и видео фрагменти од претходни изведби на Козмин Перца.
Козмин Перца овој месец претстојува на резиденција во Скопје, во организација на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“. Тој е претставник на Романскиот ПЕН-центар во Балканскиот ПЕН книжевен круг, во чии рамки е активен и Македонскиот ПЕН/центар.
Козмин Перца е роден во Марамуреш, Романија, во 1982 година. Тој е поет, романописец, драматург и есеист. Дипломирал на Факултетот за книжевност на Универзитетот Бабеш-Бољаи во Клуж. Перца магистрирал по современа литература на Универзитетот во Букурешт, а потоа докторирал со теза за фантастичната литература.
Неговите дела се преведени на осумнаесет јазици, а во 2012 година е избран за најдобар млад романски прозаист. Во романскиот и странскиот печат има повеќе од петстотини рецензии и референци за делото на Перца. Во последните десет години, тој е награден со некои од најпрестижните романски книжевни награди. Неговите романи се преведени на српски, хрватски и арапски јазик, а има и антологии на поезија со негови песни преведени на француски и шпански јазик.
Перца моментално работи како хонорарен уредник и професор по компаративна книжевност на Универзитетот Хиперион во Букурешт. Учествувал на голем број книжевни фестивали во светот, меѓу кои и на СВП.