Поезија од Мозамбик во срцето на Прилеп

„Да живее Македонија, да живее Мозамбик“, слемираа Елијане Лусија Леонардо Бутелане и Наташа Сокре, гостинките слемерки од Мозамбик, на фестивалот „Поетски слем Македонија“, кој четири дена се одржува во Прилеп.

Во полната сала на киното „Мис Стон“, публиката имаше можност одблизу да го почувствува пулсот на Африка, со поезија во која беа испреплетени традицијата и современите социјални горливи расни, политички и родови прашања.

Елијане Лусија Леонардо Бутелане е писателка, слемерка и активистка од Мапуто, Мозамбик, добитничка на повеќе национални книжевни награди и признанија, како и национална претставничка на својата земја на Светското привенство во слем -поезија во 2025 година, кое се одржа во Париз, Франција.

Наташа Сокре е писателка, активистка, слемерка од Мапуто, Мозамбик, голем борец за човекови права, чиј збор поттикнува поголема општествена свесност за правата на жените, децата, родовата еднаквост и социјалната неправда. Повеќе пати ги освојува првите три места на поголем дел од слем-натпреварите во Мозамбик.

Покрај настапот на гостинките-слемерки, втората фестивалска вечер се одржа и полуфиналето за слем-поезија, на која најмногу поени добија Стефанија Граовац, Тони Павлески и Лилјана Сливоска. Тие вечерва во финалето ќе се натпреваруваат со Валерија Дамчевска, Матеј Петров и Јован Лешев, кои добија најмногу бодови на настанот по повод Светскиот ден на слемот, кој се одржа на 26 септември во Скопје.

Третиот фестивалски ден ќе се одржат и неколку поетскипромоции на книги, како и главното слем-натпреварување.

Промоција на збирка поезија од Марија Грубор, чија промоторка ќе биде Елена Пренџова, ќе се одржи во клуб „Дипломатик“ со почеток во 18 часот.

Фестивалот свечено ќе се отвори со слем-караванот, кој ќе почне на прилепскиот плоштад (кај Саатот) и ќе се движи до НУЦК „Марко Цепенков“.

Ќе се одржи и промоција на книгата „Како паѓаме јас и ти“ од Ненад Јолдески, а промотор ќе биде Ѓоко Здравески.

Главното слем-финале ќе се одржи во киното „Мис Стон“ со почеток во 21 часот, по што следи концертна промоција на збирката „Пружини“ од Пијан Славеј (Бранислав Николов), заедно со „Хот џез оркестра“.
„Поетски слем Македонија“ досега има испратено 11 национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство.

Годинешниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност и на Светското, а како подарок ќе добие часовник од брендот „11и11“.

Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница – Прилеп.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?