Поезијата гради пријателства: Промовирана книгата „30 современи грчки автори“ во Скопје и во Атина

Поезијата гради пријателства: Промовирана книгата „30 современи грчки автори“ во Скопје и во Атина

Книгата „30 современи грчки автори“ деновиве доживеа промоции во Скопје и во Атина! Книгата, која содржи препев на 30 песни од автори од Грција, во петокот беше свечено промовирана во Скопје, во соработка со Амбасадата на Грција во земјава.  

На настанот во Скопје лично присуствуваа четворица од авторите: Хрисанти Иакову, Ефтихија Кателанаки, Манос Мавромустакакис и Никос Влахакис, истакнати поети, чии песни се застапени во книгата.  По случаен редослед, тие читаа извадоци од своите дела, овозможувајќи уникатно доживување и директна комуникација со читателите.

Настанот го отвори заменик-амбасадорката на Грција во Скопје, Кристина Василату, која истакна дека ова не е само претставување книга, туку вистински гест на културно пријателство меѓу двата народи.

– Поезијата ни нуди јазик што ги надминува границите. Оваа вечер е за поетите, за нивните гласови, за нивната визија, која не зближува и ни овозможува да сознаеме дека сме блиски – не само соседи, туку трагачи по значење, убавина и вистина – порача таа.

Директорот на издавачката куќа „Прозарт медиа“, Дејан Трајкоски, сподели анегдота од Саемот на книгата во Франкфурт каде се родила идејата за независна културна соработка, а се реализирала лани со гостувањето на уредникот на „Вакхикон“, Несторас Пулакос на програмата „Скопје фелоушип“, и со објавување на оваа книга.

– Прочитајте 30 грчки поети како пеат за товарот на осаменоста, удавените зборови, претопувањата на осаменоста со кожата… – порача Трајкоски.  

Александар Прокопиев, уметнички директор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“, се осврна на историјата на поетскиот превод и значењето на емпатијата, нагласувајќи ја улогата на поезијата во надминувањето на животните лавиринти и трауми.

Шефицата на Канцеларијата за јавна дипломатија, Ламприни Марина Колцида, ги потенцираше значењето на поетскиот збор и традициите, најавувајќи го и промотивниот настан во Атина, којшто се случи вчера, во книжарницата „Вакхикон“. На настанот во Атина присуствуваа и голем дел од поетите, а се обрати и советникот на Амбасадата на Северна Македонија во Грција, Борис Мирчевски.

– Културата ги поврзува луѓето, а Северна Македонија и Грција како први соседи имаат огромен потенцијал и простор за соработка во различни области.

Современата уметност, литературата, поезијата итн. се патишта низ кои оваа соработка може да тече во двата правци. Поезијата е особено важна затоа што допира и продира во душите и срцата на луѓето, терајќи ги подобро да се запознаат и да покажат емпатија, рече советникот Борис Мирчевски во Атина.

На настанот се обрати и грчкиот издавач, Несторас Пулакос.

Препевот на книгата на македонски јазик е на Петар Андоновски. Модератор на настанот беше Борче Николовски.

Настанот беше дел од дополнителната програма на фестивалот „Про-за Балкан“.

Зачлени се на нашиот е-билтен