Половина век уметност и посветеност: Снежана Коневска-Руси со највисоко театарско признание

Снежана Коневска-Руси, една од најистакнатите фигури на македонската театарска сцена, е годинашната добитничка на наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што традиционално ќе се одржи од 6 до 13 јуни во Прилеп. Таа оваа значајна награда ја добива заедно со нејзините колеги Соња Михајлова и Гоце Тодоровски.

По предлог на Македонскиот народен театар, наградата на Коневска-Руси ќе ѝ биде врачена на свеченото отворање на 59. издание на фестивалот.

Со повеќе од пет децении активна присутност на македонската театарска и филмска сцена, Коневска-Руси остава длабока трага во националната култура. Нејзината уметничка кариера вклучува 48 улоги во театарски продукции, десет телевизиски и филмски ангажмани, како и дваесет режии и асистенции на режија. Освен на сцената, таа е препознатлива и како сценарист и водител на бројни детски програми и музички фестивали, како и по нејзината работа на синхронизации на анимирани филмови и едукативни телевизиски содржини.

Коневска-Руси со својот препознатлив глас и актерска посветеност има оставено белег и во радио-драмите, а со години е активен соработник на фестивалите ФААТ и ДАФ во Кочани, каде учествувала како селектор, член на жири и уметнички директор. Публиката ја препознава и од бројни музички и забавни програми, како и од проектите посветени на најмладата публика.

Низ годините, таа е добитник на бројни признанија: награда за најдобра актерска изведба на „Војдан Чернодрински“ во 1991 година за улогата на Маргарита во „Ричард Трети“, награда за епизодна улога во 1976 година, како и признанието на весникот „Млад Борец“ во 1974 за нејзиниот талент во „Димна Јуда, град градила“ и монодрамата „Ана Франк“. Во 1992 година, нејзиниот придонес во драмската уметност беше крунисан со наградата „13 Ноември“ на град Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен