Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Промоција на збирката раскази „Петкамен“ од Нина Насеска

Збирката раскази „Петкамен“ од Нина Насеска, издание на „ПНВ Публикации“, ќе биде промовирана вечерва, 14 март, од 19:00 часот во галерија „Империјал 2“ во Културно информативниот центар ‒ Скопје. Книгата низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска.

„Во своето првенче, збирката раскази ’Петкамен‘, Нина Насеска ги штити од заборав сите ликови од соседството на кои свикнуваме и ги доживуваме за некако свои и блиски особено тогаш кога нивното отсуство станува повидливо од нивното присуство. Нивните животни приказни и нивните тајни остануваат недообзнанети, закопани заедно со нив. Многу од овие раскази се налик филмовите без конечен крај на приказната, токму како што е и во реалноста. Нина ни прикажува само куси извадоци од животот на нејзините јунаци, некои од нив се и антихерои што се чини дека не се главни ликови ниту во сопствената приказна, маргинализирани, осамени, напуштени, ретко среќни, па прават да се замислиме за сопствениот живот и за нашите односи со луѓето околу нас.

Во оваа збирка раскази доминираат меланхолијата и носталгијата по напуштениот дом, по загубеното детство и детските игри, по починатите блиски, по сето она што можело да биде ако не сме донеле извесни погрешни животни одлуки… но и приказни во кои се чувствува љубовта и семејната топлина, и надеж каква што само децата можат да ветат!“, вели Јулијана Величковска за збирката раскази на Насеска.

Нина Насеска (2002, Прилеп) студира на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Авторка е на збирката поезија и проза „Мозаик од доживувања“ (2014), романот за деца „Авантурите на Ела Вилсон“ (2018) и најновото дело „Петкамен“, збирка раскази (2023). Има учествувано на неколку литературни читања, добитник е на повеќе книжевни награди и признанија, а нејзини раскази се објавени во списанијата „Современост“, „Стремеж“ и „Репер“.

Зачлени се на нашиот е-билтен