На прес конференцијата посветена на најновата премиера во Битолскиот театар, директорот на НТБ Битола Васко Мавровски соопшти дека после сто години ја пронајдоа оригиналната завеса од Народен театар Битола, која беше поставена позади актерите за време на пресот.
„Во 1926 оваа завеса е донирана од српската кралица за Народниот театар. Во тоа време се води како Битолски градски театар. Истражувавме, пронајдовме фотографии и станува збор за истата завеса. Вложивме голем напор да ја најдеме, бидејќи првата претстава на македонски јазик „Ѓоре Магаревски“ се одвивала со оваа црвена завеса зад нас. Еве точно на стогодишнината откога оваа завеса пристигнала во Битола, по некаква случајност, кога некогаш некои работи треба да се случат, се случуваат, успеавме да ја откриеме“.
Значењето за постоењето и откривањето на завесата е огромно.
„Имено во 1944 кога бугарскиот фашистички окупатор го напушта градот и нивниот Окружен театар, којшто работел во зградата на Народен театар Битола, го пали театарот и еден од сценските работници во тоа време, дедо на наш веќе пензиониран сценски работник, влегува во театарот и успева да ја спаси единствено оваа завеса зад нас. Се гледаат орнаменти, делот на партизаните, делот на српската круна, кралска и така натаму, но бидејќи беа против монархијата, везот е изваден. Оставени се само овие два ловорови венци, коишто претставуваат, награда за уметниците“.
Ова е уште еден доказ за чувањето на традицијата и сеќавањата на Битолскиот театар, како и за значењето на овој театар за македонската културна сцена, но и воопшто за историјата на Македонија.