Ретроспективна изложба „Живко Поповски – Живот посветен на архитектурата“ вечер ќе биде отворена во Музејот на современа уметност – Скопје.
Оваа ретроспективна изложба е прва сеопфатна презентација на делото на еден од највлијателните македонски архитекти – Живко Поповски (1934-2007). Куратори на изложбата се проф. д-р Анета Христова – Поповска и проф. д-р Мери Батакоја. Изложбата го осветлува неговиот проектантски опус, претставен со ексклузивни материјали од приватната архива. Публиката ќе има можност да види десетици оригинални проекти, цртежи, фотографии и видеа, кои првпат го откриваат целосниот спектар на неговите авторски преокупации.
Како што информира МСУ – Скопје, овој документарен материјал испишува една поубава стварност за нашите градови и го прикажува Живко Поповски како вистински вљубеник во архитектурата, кој го посветил сиот свој живот неуморно замислувајќи и проектирајќи архитектура со интимна посветеност.

– Дополнително, низ оваа изложба, архитектонската имагинација на Живко Поповски се разоткрива како исклучително комплексна и дијалектичка – со преокупации кои се протегаат од модернистичката универзалност до силната културна самосвест и длабоката грижа за локалните континуитети, од рациото на модерниот артефакт до ексцентричноста на ликовната интуитивност и постмодерната текстуалност. Неговата архитектура е жива форма – која, како и животот, е повеќегласна и постојано во еволуција, се наведува во соопштението.
Поставката се состои од шест тематски целини: „Холандска епизода: Архитектурата на отворенотo општество“, „Фокус ГТЦ – Собрание на Град Скопје: Урбархитектурата на дело“, „Архитектонски конкурси: Рефлексија на самоуправувањето во архитектурата“, „Охридска архитектонска школа: За критичкиот регионализам и татковинските места“, „На Скопје, со љубов!, За градот што може(ше) да биде“ и „Обрасци на архитектонската имагинација: Авторски теми и семантички идиосинкразии“.
– Наместо линеарна биографија, изложбата се гради како простор на резонанци, каде тематските целини се прелеваат една во друга, претставувајќи го делото на Живко Поповски како траен потсетник дека архитектурата може – и треба – да биде и длабока авторска опсесија, и интелектуална позиција, а притоа и натаму да остане културен проект со недвосмислена јавна одговорност, наведуваат кураторите Анета Христова – Поповска и Мери Батакоја.
Изложбата ја реализира Музејот на современата уметност – Скопје, со поддршка на Министерството за култура и туризам како проект од национално значење за 2025 година.