Министерот Зоран Љутков се пофали со нацрт-Стратегија за развој на културата 2026–2030. На хартија, големи зборови, а во реалноста, културата во Македонија никогаш не била во полоша состојба, укажува во реакција на социјалните мрежи СДСМ.
Се истакнува дека владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ прво го урна системот во културата, а сега се обидува со стратегија да ја прикрие сопствената неспособност.
За СДСМ Фактите се јасни:
– Буџетот за култура се намалува и е меѓу најниските во последните години.
– Националните институции се оставени без стабилно финансирање и без развојни програми.
– Културното наследство е запоставено и изложено на ризик.
– Уметниците и културните работници се доведени во понижувачка позиција.
Опозициската партија смета дека „наместо реални политики, власта нуди бирократски документ со општи формулации, без конкретни механизми, без финансиска рамка и без јасна визија“.
СДСМ потсетува дека токму Владата предводена од СДСМ во изминатите години ја донесе првата современа стратегија за култура, го отвори секторот кон европските програми, го зголеми буџетот за култура и започна сериозни процеси на заштита на културното наследство.
„Денес гледаме обратен процес, централизирање на одлуките, партизација на институциите и целосна стагнација на културниот систем. Културата не се развива со PR-соопштенија и протоколарни седници. Културата се развива со визија, инвестиции и почит кон уметниците и културните работници“, оценува СДСМ.
Затоа, за СДСМ, оваа „стратегија“ повеќе личи на документ за политички маркетинг отколку на сериозна државна политика.
Велат СДСМ ќе продолжи да предлага конкретни решенија:
– стабилен и транспарентен буџет за култура,
– фонд за заштита на културното наследство,
– рамномерен културен развој низ државата,
– достојни услови за работа на уметниците.
Културата не смее да биде жртва на неспособноста на оваа власт, порачуваат од СДСМ.