Комисијата за култура на СДСМ изразува сериозна загриженост за состојбите во Центарот за култура и Театар Куманово, каде во изминатиот период се случуваат алармантни и недозволиви процеси кои директно го загрозуваат нормалното функционирање на институцијата, се вели во објвата на социјалните мрежи.
За првпат во 45-годишното постоење на оваа културна установа, се посочува во текстот, откажан е веќе договорен настан – не поради виша сила, туку поради апсурдна причина: немало кој да постави столчиња. Овој преседан не е само организациски пропуст, туку јасен показател за целосен распад на системот на управување.
СДСМ прашува јавно:
Дали ова е резултат на тивок бојкот од вработените, предизвикан од несоодветни и наметнати одлуки на в.д. директорката?
Зошто е деградиран шефот на техника – човек со 30 години искуство, кој бил столб на организацијата на настаните?
Кој сега ја гарантира безбедноста и професионалната реализација на настаните?
Дополнително, според информации од вработени:
Се врши хаотична прераспределба на кадар, при што по пет лица се сместуваат во несоодветни канцеларии;
Се создава простор за вработување на нови, партиски кадри со сомнителни квалификации;
Се блокира унапредување на постојните вработени со образложение дека „имаат високи плати“, додека за други се испраќаат согласности за унапредување;
Се предвидуваат нови работни места без реална потреба, додека постојните капацитети се нефункционални.
Особено загрижува фактот што стручни лица, како етнокореолози, се пренаменуваат во административни и маркетинг задачи, наместо да ја вршат својата основна дејност – развој на културни програми и работа со фолклорни групи.
Прашуваме и:
Дали во институцијата се врши притисок врз вработените преку суптилни закани?
Дали однапред се најавува непочитување на Колективниот договор и неисплата на средства по основ на судски пресуди?
Ова претставува сериозен удар врз правата на вработените и правната држава.
Комисијата за култура на СДСМ бара:
1. Итна реакција од Министерството за култура;
2. Јавна одговорност од министерот Зоран Љутков;
3. Вонреден инспекциски надзор во институцијата;
4. Запирање на партизацијата и ревизија на сите спорни одлуки.
Културата не смее да биде жртва на непотизам, незнаење и импровизација. Таа бара знаење, интегритет и почит кон луѓето кои со децении ја градат.
СДСМ ќе продолжи гласно да ги разобличува сите обиди за уништување на културниот систем.