Сиљановска Давкова денеска во Загреб ќе ја отвори изложбата на големата македонска уметница Жанета Вангели

вангели

Вечерва во Македонскиот културно информативен центар во Загреб, ќе биде отворена изложбата „Архивски документи“ на македонската уметница Жанета Вангели.

Изложбата ќе ја отвори претседателката на Република Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова, која на покана на претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ е во официјална посета на оваа земја.

Изложбата „Архивски документи“ на професорката и ликовна уметница Жанета Вангели е првиот програмски проект за 2026 на Национална галерија. Овој проект ќе биде реализиран во македонскиот Културно информативен центар во Загреб со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Националната галерија продолжува со промоција на македонската култура и современата уметност во Република Хрватска. По минатогодишното претставување на група современи македонски уметници во Културно информативниот центар во Загреб, добрата соработка продолжува и оваа година. Изложбата „Архивски документи“ е прво претставување на Вангели пред хрватската публика и содржи 41 дело во техника принт на плексиглас и аудио материјали.

Вангели е мултимедијална уметница која реализирала самостојни изложби во Скопје, Битола, Белград, Франкфурт/Мајна, Келн, Њујорк, Стокхолм, Аделаид и Хангжу.

Зачлени се на нашиот е-билтен