„СИРАТ“: Последната журка на светот со танц по работ на бездната

Тој величенствен влез во филмот, гледајќи ги ликовите како се движат и танцуваат на звукот кој моќно грми од звучниците, се јавува асоцијација на легендарниот концерт на Пинк Флојд во Помпеја (1972). Времето застанато, звукот и светлото хипнотино и сето тоа во органско соединение со севкупниот прозор, навестува некаква опасност, од која никој не се плаши. Секој ритам од музиката станува метафора за колективна екстаза, магнетизам што го надминува физичкото присуство и создава осветлување на нешто повеќе од самата реалност.

Како го замислуваш крајот на светот?-Светот одамна завршува.-, вели еден лик во Sirât. Тоа не е филмска реплика, тоа е дијагноза. Настрана од секакво филозофско толкување на оваа драма, Оливер Лакс не снима апокалипса за да се фасцинираме со катастрофата. Тој снима директен пренос на нашата колективна дистопија.

Група рејвери талкаат низ мароканската пустина со каравани што личат на искршени автобуси од ЈСП, камиони на кои одамна им истекло времето. Радиото им плука вести за војни, распади, ресурси што исчезнуваат. И да, ова не е далечна фантазија. Ова е денешно Скопје, денешен Блиски Исток, денешна Европа… Sirât е филм кој нема потреба од научна фантастика.  Доволно е да погледнеме околу себе.

Светот како безнадежна пустина од минско поле

Ликовите се ништожни и величествени во исто време. Ништожни, затоа што живеат на маргините, без перспектива. Величествени,  затоа што нивниот лајф стајл е чин на отпор. Тие се нереално прекрасни во сиот тој апокалиптичниот призор: лица што ја одразуваат истрошеноста на светот, но и извонредна, сурова харизма, несовршени тела кои се движат со грациозност што контрастира со пустинската жештина, очи кои светкаат како одглас на некоја заборавена магија и единство. Секој од нив е жива поезија, симбол на човечка упорност и на естетика што преживува и во разурнато време. Последната журка станува нивна триумфална слика, како живи статуи на крајот на светот, кои не се предаваат на ништо освен на ритамот и на сопствената волја. И буквално разурнати во експлозија, се престоруваат во пепел, во атоми кои можеби ќе создадат нов и поубав свет.

Камерата на Mauro Herce е безмилосна, но хипнотична. Објективот се движи полека, со упорност на пустински ветер, за потоа да се нафрли во екстатични крупни планови. Светлината е сурова, речиси измачувачка преку ден, и сензуално апокалиптична навечер. Сликата ја гради атмосферата на замор и надеж во исто време: златна песочна бескрајност, што како празно платно ја впива сета човечка жед за смислата на опстанокот.

Звуците и музиката се споени, буквално во една пулсирачка траума. Ритам кој ја прекинува тишината на пустината, а тишината пак ја претвора музиката во молитва. Тој танц не е бегство, туку сведоштво.

Ово не е филм што нè ослободува, туку нè буди. А будењето секогаш е шокантно.

Катарзата во Sirât не е возвишена, таа е валкана како границата меѓу рајот и пеколот. Те разнишува, те тепа, ти ја стега дијафрагмата. Го гледаш филмот и знаеш, ова не е кино-трип, ова е огледало. Дрогиран си, без трошка опијат. Само од свеста во која се тркала лавина на слики и емоции.  И кога ќе заврши, остануваш со чувство дека крајот не е иднина, туку сегашност.

Sirât е откровение што боли. И тоа е неговата сила. Како кога низ смрдеата на градските контејнери ќе те пресретне случаен ритам од некоја гаражна забава и ќе сфатиш,  човештвото може да е во распад, но телото и желбата за заедништво не се откажуваат. А тоа е денешната рејверска заедница-утописки Вудсток, семејство кое живее за слободата. 

И на крајот, Sirât е откровение во идејата да се прикаже блискиот крај на светот на ваков брутален и потетски начин. Не со спектакл или визуелни трикови, туку со сурова човечка интензивност, преку рацете, телата и очите на ликовите, преку песокот, музиката и пустината, тркалата на камионите по серпентини кон патот кој не води никаде,  Лакс нè тера да го почувствуваме крајот не како фикција, туку како живо, физичко и духовно искуство, што остава трага далеку надвор од кино-салата, трајна траума вовлечена во потсвеста засекогаш.

Mи одзвонува, и се враќа како психоделичните делови на епската „Ехо„ од Флојд…

Филмот ја доби Бронзената камера 300, на последното 46. Издание на фестивалот ИФФК „Браќа Манаки“.

Sirât (2025)
Режија: Oliver Laxe
Сценарио: Oliver Laxe, Santiago Fillol
Директор на фотографија: Mauro Herce
Продуценти: Felipe Lage, Oliver Laxe, Xavi Font
Продукциска куќа: Zeitun Films (во копродукција со: 4A4 Productions, La Prod, Tarkka, In Vivo Films)

Пишува: Ана Василевска

Зачлени се на нашиот е-билтен