Четириесет и шестото издание на фестивалот „Скопско лето“ свечено ќе се затвори со концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“. Ќе почне вечер во 20:30 часот во „Сули ан“, информираат организаторите на настанот.
– Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ е основан пред повеќе од 35 години, како прв сегмент на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија во 1986 година. Составен е од студенти на Факултетот за музичка уметност од Скопје, но, во него често може да се сретнат и млади музичари од други земји. Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија со своето музицирање во сиот овој период се наметна како изведувачки состав со високо професионални квалитети.
Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле значајни имиња од македонската музичка сцена: Фимчо Муратовски, Горјан Коруновски, Саша Николовски – Ѓумар, Вања Николовски – Ѓумар, Мирослав Спасов, Борјан Цанев, Бисера Чадловска, Олег Кондратенко, но и познати странски диригенти како: Арилд Ремерајт, Миша Кац, Џанлука Мартиненги и други.
Оркестарот е и добитник на национални награди и признанија, се наведува во соопштението.