Слободан Унковски за наградата „Дејан Мијач“ за режисерски опус: Среќен сум и горд

Режисерот Слободан Унковски е добитник на наградата „Дејан Мијач“, што ја доделува Здружението на драмски уметници на Србија за режисерски опус.

По тој повод, Унковски, кој во изминатите 5 децении постави значајни драмски дела на сцените на театрите во поранешна Југославија, во регионот Европа и светот, се заблагодари со укажувањето дека со оваа награда за него се „заокружува еден важен триаголник на награди што ги носат големи режисерски имиња, наградата Гавела и наградата Бојан Ступица“.

Унковски потенцира дека наградата ја прифаќа како значајно признание за неговата долгогодишна професионална работа како режисер од 1971 година до денес. „Среќен сум и горд“, истакнува Слободан Унковски.

„Во 1982 година, кога Југословенскиот драмски театар се подготвуваше да го постави Хрватскиот Фауст од Слободан Шнајдер, беше планиран познат режисер, но Мијач, знаејќи ги моите претстави „Хамлет“, „Јане Задрогаз“, „Дивo месо“ и некои други, на уметничкиот совет јасно и гласно рече дека тоа е текстот за мене, и така ја добив мојата прва претстава во Југословенско драмско позориште (ЈДП). Воја Брајовиќ беше в.д. раководител во тоа време“, се сеќава Унковски.

Унковски соопштува дека во последните четириесет години работел на неколку претстави во истиот театар. Дејан Мијач, ако беше во градот, вели Унковски, се појавуваше по последната генерална проба или на премиерата, со секогаш подготвен убиствен коментар, и со неколку зборови ја дефинираше оценката за постигнатото.

„Тоа би било покровителско, пријателско и би рекол навивачко. За „Буре барут“ на Дејан Дуковски, на пример, се сеќавам, рече: Рамката ја држи сликата! Како да го слушам како цинично се смее некаде во врвот на оваа сцена, што е сведок на многу негови значајни претстави што ја разбрануваа естетиката, како и политиката“, посочи Унковски за време не говорот по повод наградата „Дејан Мијач“.

Унковски рече дека „вваа награда е исто така за околу илјада актери и други значајни соработници, кои имаа храброст да влезат во неизвесниот простор на истражувањето, да зачекорат во опасната непозната, за Мета Хочевар, Ангелина Атлагиќ и Миодраг Табачки, кои совршено ја преведоа мојата безнапорна артикулација на скриената суштина на драмата, во силни и возбудливи знаци, за театри од Скопје до Москва, Лондон, Епидаурус и Бостон, за важни домашни писатели од Горан Стефановски до Милена Марковиќ, за театарските режисери кои ме ангажираа и кога бев многу талентиран и не толку талентиран, за моите многубројни поранешни студенти по режија и глума, за ФДУ во Белград на кој сум горд студент, за моето семејство“.

Времето и светот се променија, рече Унковски, не на подобро, а театарот ги изгуби своите омилени теми, бидејќи алчноста, грубоста, едноставноста, насилството, корупцијата, безгрижноста, крволочноста, абнормалноста, грабежот, криминалот, лажното образование и уништувањето на сите принципи ги зазедоа местата претходно резервирани за убавината, културата, знаењето и нормалноста.

„Идентитетот на еден народ е во јазикот и можеби во религијата, но всушност е во културата и во слободата што ги шири своите крилја кон сè друго, а пред сè кон новиот креативен човек, чиј простор за успех тогаш е неограничен. Слободата, сигурен сум, е најважниот збор денес“, истакна Слободан Унковски.

Сега го немаме Мијач тука да ни ги даде своите лукави коментари и неговата намрштена анализа, забалежува Унковски и додава дека „ќе мора сами да се грижиме за себе. Со награда што го носи неговото име, можеби ќе ми биде полесно да ги надминам надежите, вознемиреноста и стравовите што доаѓаат со неизвесноста на следното утро’.

Зачлени се на нашиот е-билтен