Слушајте ја музиката на светот, посетете ја изложбата „Дефрагментации“ во МСУ, читајте го Шлепикас

Во делот на музичко-концертната понуда, Скопје за викендот, а и во деновите наредната недела, има богата понуда.

За вечерва и за викендот утре и во недела, имате можност да го проследите завршниот дел од програмата на годинешниот ОФФест.

Третата вечер, односно вечерва, фестивалот се отвора со настапот на Џастин Адамс и Мауро Дуранте. Врвни музичари со различен бекграунд кои ги обединува нивната длабока поврзаност со древната транс музика. Реномираниот гитарист, продуцент и композитор Џастин Адамс ја започна својата кариера во добата на пост-панкот, но во меѓувреме ги збогати своите интереси, внесувајќи стар блуз, арапска и африканска музика, фолк и многу други влијанија во своето свирење.

Џастин Адамс и Мауро Дуранте

Ова ново дуо со Мауро Дуранте, виолинистот/перкусионистот на групата Canzoniere Grecanico Salentino, датира од концертот предводен од Лудовико Еинауди во рамките на фестивалот Notte della Taranta во Пуља, каде што двајцата првпат свиреа заедно, препознавајќи го сродниот интерес во транс ритмите на локалната Таранта. Заедно, тие создаваат жив, соголен звук кој се движи и маѓепсува, со едноставни мелодии и опсесивно-репетитивни обрасци, подеднакво соодветни за танцување и мечтаење.

Терминот од 22.00 часот, во Национална опера и балет, безецирајте го за концертот на Крсте Роџевски.

Крсте Роџевски

Крсте Роџевски е македонски пејач, гитарист и композитор, активен на авангардната „даунтаун“ сцена од неговата преселба во Њујорк во доцните деведесетти. По издавањето на трилогијата: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018), сите објавени за Much Prefer Records, Роџевски ги снима „Hubris“ (MOD Reloaded, 2020) и „Fair Weather Friends” (Point of Entry, 2022). Станува збор за концептуални албуми со интроспективни текстови и електроакустичен звук, збогатен со експериментални и фри-џез елементи. Во нивното создавање, тој соработува со некои од најеминентните имиња на њујоршката експериментална и импро-џез сцена.

На неговиот соло акустичен настап на OFFest, тој ќе ги претстави своите песни во една чиста, наивна и соголена форма, ослободена од студиските дотерувања. Само неговиот глас и акустична гитара.

За утре, во сабота, резервирајте си ја вечерта за чешкото дуо Ирена и Војтех Хавлови (The Havels) кои ги поврзува речиси 40-годишна заедничка уметничка кариера и партнерство зад себе.

Ирена и Војтех Хавлови (The Havels)

Започнаа да работат заедно во средината на 80-тите како дел од експерименталниот ансамбл Capella Antiqua e Moderna, уникатна асоцијација на музичари чиј репертоар опфаќаше различни стилови на европската класична музика: од ренесансата до современата. Со текот на годините тие минаа низ неколку сопствени развојни фази, патувајќи далеку и широко, низ времето и просторот. Со својот инвентивен и неортодоксен пристап кон историските и модерните композициски техники и интерпретативни процеси, Хавлови развија уникатен и музички автономен јазик кој е тешко, ако не и невозможно, да се дефинира и кој продолжува да расте до ден-денес.

Директно од срцето на Магреб, Bab L’ Bluz (во превод: „порта на блузот“), го редефинираат традиционалниот северноафрикански блуз на нетрадиционален начин.

Bab L’ Bluz

Овој квартет, формиран во Маракеш во 2018 година, е инспириран од мароканските музички традиции, во комбинација со рок музиката, современите звуци и мароканскиот поп. Етикетирани како „психоделичен марокански рок бенд“, тие се истовремено древни и актуелни, традиционални и современи, фанки и ритмични, со моќни вокали и тешки бас грувови. Бендот го сочинуваат француски и марокански музичари, предводени од пејачката Јусра Мансур, што само по себе претставува критика на претежно машката традиција во мароканската музика.

Концертот на Bab L’ Bluz, ќе се одржи во Дансинг салата во МКЦ во сабота во 22.00 часот.

Во истата сала во МКЦ, на полноќ, во 24.00, ОФФест за оваа година се затвора со гитаристот Дизи Манџеку е жива легенда на конгоанската румба.

Дизи Манџеку

Пред да стане член на славниот оркестар OK Jazz на Франко Луамбо Макиади во 60-тите и 70-тите, Дизи веќе предводи неколку бендови, настапувајќи со бројни великани на конгоанската музичка сцена. Во тоа време, Дизи и Сем Мангвана ги оформија African All Stars. Оваа формација, предводена од Дизи, имаше големо влијание на глобално ниво.

Под уметничкото раководство на Дизи, Orchester African All Stars International објави три албуми, кои се сметаат за вистински конгоански споменици. Музичкото наследство и културното значење на Франко Луамбо Макиади и неговиот бенд T.P.O.K. Jazz е огромно. Конгоанската румба од неодамна е прогласена за нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

Изложба на дела од колекцијата на МСУ на ликовни уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка

Идната недела, на 13 јуни во 20.00 часот, одете во МСУ, на отворањето на новата изложба со дела од колекцијата на МСУ – „Дефрагментација„ подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка

Ќе бидат изложени вкупно 96 дела од 86 уметници. Изложбата е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и Музејот на современа уметност – Скопје. Куратори на изложбата се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

На оваа изложба која што претставува и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес ќе биде претставен избор од слики, скулптури и графики, кои се создавани во текот на 20-от век, поточно во периодот од 1905 до 1989 година и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.

Во колекцијата на МСУ Скопје се чуваат вкупно 5291 дела, помеѓу кои и 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска. И квантитативно, но и квалитативно делата од овие колекции претставуваат суштински дела од колекцијата и основниот концепт врз кој се темели МСУ.

„Од делата на Војтјех Прејсиг и Франтишек Музика, преку оние на Јежи Новосијелски и Тереза Паговска, па сѐ до делата на Јозеф Јанкович и Александер Трижуљак, како и  Оршолја Дроздик и Јежи Трелински, оваа изложба претставува надоврзување и преиспитување на сите претходни претставувања на националните колекции. Изложбите на делата од колекцијата секогаш се добар повод за преиспитување на самата функција на музејот, како и за еден неопходен процес на дефрагментација, за метафорично ослободување на просторот и овозможување на нормално системско функционирање“, велат кураторите Јанчевски и Варошанец.

Веднаш по веста за земјотресот во Скопје во 1963 година, голем број уметници од целиот свет во знак на солидарност подарија дела на градот Скопје и новоформираниот Музеј на современата уметност. Меѓу уметниците, исклучително важно место заземаат поединци и здруженија од Чехословачка, Полска, Словачка и Унгарија, кои подариле бројни дела во различни уметнички дисциплини, со што станале значаен дел од јадрото на колекцијата на МСУ.

Роман за „Волчјите деца“

Оваа недела ви го препорачуваме романот „Се викам Марите“ на литванскиот писател Алвидас Шлепикас, во превод на Катерина Сапаловска, а во издание на „Антолог“.

Романот се базира на вистински случувања кои ги пресретнале германските жени и деца по завршувањето на Втората светска војна.

„Волчји деца“ биле нарекувани гераманските деца кои останале без еден или двајцата родителите за време на Втората свестка војна на територијата која тогаш била заземена од Црвената Армија на СССР.

Се смета дека нивниот број изнесувал од 10 000 до 25 000. Тие растеле лишени од нормално детство, оставени на себе во мрачните пруски шуми. Барале засолниште меѓу литванските семејства каде што не биле секогаш топло добредојдени, најчесто поради страв на Литванците од депортација на Сибир или затоа што ни тие немале што да јадат. Литванците кои се одлучувале да земат кај себе некое од „волчите деца“, се обидувале прво да ги научат литвански, а потоа да им извадат документи со променети имиња со цел да се заштитат од суровиот советски режим.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира