Сонцето блиску, а каде е светлината?

Со публика до последното седиште, пригоден коктел и присуство на речиси целиот државен и културен врв, Македонскиот народен театар синоќа свечено и достоинствено одбележа 80 години постоење со сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МНТ“, во режија на Дејан Пројковски. Атмосферата во МНТ беше онаа што ретко се случува – чувство дека се присуствува на настан, а не само на претстава.

Од технички аспект, продукцијата е на исклучително високо ниво. Озвучувањето беше беспрекорно, музиката на Горан Трајкоски моќна и прецизно впишана во сценските слики, а аудиовизуелните елементи – особено 3Д-видеомапингот на Сергеј Светозарев – заслужуваат чиста пофалба. Сцените се менуваа динамично, слоевито и прецизно, создавајќи впечаток на жив, пулсирачки театарски организам кој се трансформира од минута во минута. Визуелно, спектаклот изгледаше импресивно, понекогаш и фасцинантно.

Идејата на режисерот е јасна и доследно спроведена: реминисценција на театарот, патување низ 80 години МНТ, низ неговите темели, митови, автори, естетики и вредности. Пројковски не прави фактографија, туку емоционална мапа на институцијата – театарот како универзум, како меморија и како колективен идентитет. Во таа смисла, каузата на претставата е јасна и легитимна, а амбицијата – голема и оправдана за ваков јубилеј.

Сепак, токму тука се отвора и клучното прашање што останува да одекнува по аплаузот. Зошто, во еден ваков јубилеен, празничен контекст, доминира трагедијата? Зошто реминисценцијата на македонскиот театар, а со тоа и на македонската култура, речиси исклучиво се чита низ црнила, болка, очај, помор и историска траума? Претставата нуди моќни сцени на страдање, колективна тага и историска тежина, но не и ведрина, среќа или радост!

Останува впечатокот дека Македонија, барем на оваа сцена, знае да зборува само преку болка. А македонската драматургија, па и самиот МНТ, има и поинакви лица: хумор, апсурд, бунт, радост, игра, светлина. Неколку сцени од поведри драми или текстови можеби ќе создадеа порамнотежена емоционална линија и ќе ѝ дозволеа на публиката предновогодишно да излезе не само потресена, туку и охрабрена.

Токму таа тежина, иако уметнички оправдана, на моменти ја „скрши“ публиката. Не поради слабост на изведбата, туку поради интензитетот и еднонасочната емоционална струја. Прашањето не е дали трагедијата припаѓа на нашата културна меморија – таа несомнено припаѓа – туку дали таа мора да биде доминантниот, речиси единствен тон во спектакл што слави 80 години опстанок, континуитет и уметничка виталност.

„Сонцето, колку е блиску сонцето“ е голем, сериозен и амбициозен проект, достоен за јубилејот на МНТ. Тој е визуелно импресивен, технички прецизен и концептуално јасен. Но истовремено, тоа е претстава што отвора важно прашање: дали, кога се гледаме себеси на сцена, знаеме да се видиме и поинаку – освен како народ на траума? И можеби токму во тој немир што го остава зад себе, лежи нејзината најголема сила.

Зачлени се на нашиот е-билтен