Најновата епизода на култниот стрип „Алан Форд“ содржи промоција на македонското вино, која допира до публиката од речиси сите држави на бивша Југославија.
Во епизодата насловена „Лудост“, јунаците решаваат интриги во измислената европска микродржава Баронство Баварија, која е слична на Кнежевството Лихтенштајн. Во еден момент, еден од ликовите, со цел да натера локален поп – пијаница да соработува, му нуди поткуп со шише – „вино од Тиквеш“.
„Лудост“ (Follia) е 571. месечна епизода на долговечниот „Алан Форд“, која во Италија за прв пат била објавена во јануари 2017 година, по сценарио од Макс Бункер и со цртеж на Дарио Перука. Од пред неколку дена увезеното издание е достапно и во одделни македонски трафики.
Може да се очекува дека во оригиналното, италијанско издание се реферира на некое сосем друго вино, бидејќи една од тајните на долгогодишната популарност на овој стрип, уште од првобитното издание на „Вијесник“ од Загреб (1971), е креативниот превод, кој не се држи слепо до оригиналниот текст.
Во изданието не е достапна информацијата дали станува збор за рекламирање или едноставна пофалба за македонското вино од преведувачите и прилагодување на вкусот на читателите и винопијците од регионот.
Италијанскиот стрип „Алан Форд“ на просторите на бивша Југославија моментално го издава српската фирма „Колор медиа интернешнал“ од Нови Сад. При тоа, и во српското издание преводот од италијански е на хрватски, бидејќи публиката е навикната токму на таков превод уште од времето на првиот уредник и преведувач, легендарниот Ненад Брикси (1924-1984).
„Колор медиа интернешнал“ паралелно објавуваат три едиции на „Алан Форд“, кои излегуваат на секои два месеци и покрај Србија и Северна Македонија се достапни и во Словенија, Хрватска, Босна и Црна Гора. Во трафиките на Косово веќе неколку години воопшто не се предаваат печатени изданија бидејќи сите тамошни медиуми имаат преминато во дигитални формати.
Покрај „новата серија“ која објавува епизоди кои не биле досега објавени на овие простори, паралелно течат и репринти на „класични“ епизоди која е стигната до 458-та и серија од специјални епизоди во боја („колорно издание“) која е стигната до 41.
Огромната популарност на „Алан Форд“ во Југославија и земјите наследнички е предмет на анализи на низа теоретичари на стрипот, меѓу кои и Томислав Османли.