Тоше Проески ги има сите атрибути да биде историска личност, вели проф. д-р Билјана Ристовска Јосифовска, раководителка на Одделението за културна историја во Институтот за национална историја на Северна Македонија, во интервју за Рацин.мк.
Ристовска Јосифовска вели дека Проески ги поседува сите карактеристики за да го определат како личност од македонската културна историја. Како и за другите, според методологијата за утврдување на историски личности, најважно е што Проески остави трајно наследство во музиката и што е позначајно, издвојува истражувачката на културната историја на Макединија Ристовска Јосифовска, беше масовно прифатен од народот и стана дел од колективната меморија.
„Него го проучуваат и научно. Има магистерска, има мислам дипломска, за него се пишуваат трудови“, објаснува Ристовска Јосифовска.
Како дел од меморизирањето на ликот и делото на Тоше Проески, вели Ристовска Јосифовска, ние „денеска места на сеќавање посветени за него, имаме фонтани, имаме во Прилеп, имаме во Скопје, во Лисиче, имаме статуа на мостот кај во центарот на Скопје.
„Да не зборувам во каква форма е гробот на Тоше Проевски. Тоа е музеј на отворено. На некој има некоја симболика има што тука е и Питу Гули. Многу симболично, се разбира, не знам дали е намерно или ненамерно, но сѐ едно. А на тој гроб, треба да се види, таму има не само македонски пораки од Македонци оставени, туку од целиот Балкан и пошироко“, истакнува Ристовска Јосифовска.
Таа нагласува дека сето тоа нешто што во секој случај покажува дека Тоше Проески, за жал прерано починат, си го обезбедил своето место во низата на историски ликови како дел од културната историја на нашата земја, вели во интервјуто за Рацин.мк проф. д-р Билјана Ристовска Јосифовска.
Целото интервју за повеќе историски прашања, за историографијата како наука и за значењето на културната историја на Македонија ќе го објавиме утре, на 25 јануари 2026 година