Во центарот на композицијата се наоѓа човечко лице со широко отворена уста, од која излегуваат „отровни“ стрели – симболична претстава на навредливите и омаловажувачки зборови што честопати се користат во јавниот и дигиталниот простор. Скулптурата, со димензии 1,4 на 1,2 метри, е изработена од рециклирани метални материјали и привлекува внимание со својата моќна визуелна порака.
На подножјето на делото е истакната јасна порака: „Говорот на омраза повредува“. Од Центарот велат дека целта на инсталацијата е да ги потсети граѓаните на последиците од нивните зборови, особено во време кога дигиталната комуникација го олеснува ширењето на омраза.
„Оваа уметничка интервенција има за цел да поттикне општествена одговорност, емпатија и почит кон другите“, нагласуваат од Центарот за современи уметности.
Инсталацијата е дел од проектот „Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда“, што го реализира Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје“.