Утре ќе се одржи дебата за важноста на независната сцена во услови на поларизација

„Важноста на Независната сцена во услови на поларизација“  е тема на јавната дебата што ќе се одржи утре (среда, 7 мај 2025) во КСЦ Центар Јадро во Скопје, со почеток во 19 часот. Говорници ќе бидат Искра Гешоска, Мања Величковска и Роберт Алаѓозовски, а дебатата ќе ја модерира Тијана Спасовска.

Независната културна сцена е повторно турната на маргините. Во изминатите години имаше знаци на зголемена поддршка и успешни примери како хибридната институција Центар Јадро. Со последните промени, новоименуваното Министерство за култура и туризам ја откажа проектната програма за интердисциплинарни проекти и повеќекратно ја намали поддршката за проектите на Независната сцена. Во услови на зголемена поларизација, на повлекување на странските донатори, на пренасочување на вниманието кон најранливите актери, потребата од засилена помош за Украина, Независната сцена се соочува со закана за нејзиното опстојување.

Целта на оваа јавна дебата е да се преиспита и уште еднаш да се укаже на важноста од постоењето на Независната сцена за културната демократија, плурализмот на уметнички изрази и развојот на критичкото мислење. Независната културна сцена е цветот на современата култура, зародиш на иновативни и експериментални културни практики и промотор на македонската креативност во светот. Потребен е поголем слух за нејзината важност, системска поддршка и стабилни услови за развој од сите нивоа на власт – се вели во соопштението на организаторите на дебатата.

Оваа јавна дебата е дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“ на ЗГ Есперанца Светски културен центар, Институтот за медиуми и аналитика ИМА и Центар Јадро Скопје, кој е поддржан е од програмата „Ваха 3: Усвојување на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“. Ваха е Иницијатива на Анадолу култур и Зуса, финансирана од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.

Зачлени се на нашиот е-билтен