Вчера во КСП ,,Јадро” се одржа дебата посветена на важноста на независната сцена во услови на поларизација, модерирана од Тијана Спасовска. Дебатата е дел од проектот ,,Интеркултурен хаб Скопје” на ЗГ Есперанца Светски културен центар, Институтот за медиуми и аналитика и КСП ,,Јадро”. Говорници на настанот беа културната теоретичарка и активистка Искра Гешоска, активистката и истражувачка Мања Величковска и поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски.

Потребата од оваа дискусија произлезе од заканите со кои независната сцена континуирано се соочува за нејзино функционирање и опстојување, а се во контекст и на културната демократија, но и институционалното делување и застапување во оваа сфера кое може да донесе предности. Учесниците, во овој контекст покрија теми кои се однесуваат на правата на работниците во културниот сектор, институционалното лидерство и културни политики, застапувањето во културата, но и меѓугенерациската соработка како освежување во ова поле на делување. Комплексноста на самата тема на настанот беше изразена преку излагањата на сите тројца говорници, кои од своите позиции ги изнесоа искуствата и размислите околу можните насоки во кои македонскиот независен културен сектор ќе се движи, а со тоа и неговата моментална состојба и предизвици со кои се соочува. На настанот се отворија многу прашања врзани со солидарноста, градењето безбеден и заеднички простор на културните работници, но и независните платформи кои се градат онаму каде што институциите молчат.

Говорниците истовремено ја потенцираа важноста од културното поимање на политичкото, отпорот и критичкото мислење токму преку културните институции во кои таа се претставува и се нејзин суштински дел. Од таа позиција се разгледаа перспективи на ново обединето делување во секторот, но и проблематиките околу кохерентноста на независната културна сцена, како во заштитата на правата на културните работници, така и во учеството во градење демократски институции и систем. Културата, истовремено, како алатка за градење постабилни заедници и посолидарно општество, беше посочена како алатка која не е алтернатива, туку од клучно значење за македонското општество и неговите предизвици, заедно со можностите за партиципативно управување.

Преку одржаната дискусија, говорниците заедно со публиката учествуваа во поконкретно мапирање на предизвиците на независниот културен сектор и се обидоа да изнесат конкретни насоки и решенија, кои во доба на политичка поларизација и недостаток од системски решенија може да помогнат во одржувањето на секторот како клучен за македонската култура и нејзиното идно развивање.