Верувале или не Фолтин слави 30 години од првиот концерт. На 12 септември, во скопскиот Паблик Рум, публиката ќе има можност повторно да ја доживее магијата на еден од најавтентичните македонски бендови, Фолтин. Настапот доаѓа во пресрет на големиот јубилеј, 30 години од нивниот прв концерт.
„Тоа е добар стаж, но за пензија е сè уште рано, така што можноста за нови приказни е секогаш отворена,“ вели Пеце Трајковски – Брада.
Фолтин се познати по својата жанровска слобода, сценска разиграност и уникатниот баланс меѓу интимност и театар. Нивните концерти не се само изведби, туку ритуали на споделување, во кои, како што велат, „публиката станува коавтор на приказната“.
„Со скопската публика сме во специјална емотивна поврзаност која низ годините прерасна во вистинска љубов. Помеѓу нас нема веќе тајни, сега сме во една отворена хармонија во која на секоја средба максимално уживаме,“ додава Брада.
Бендот најавува вечер исполнета со стари омилени песни, но и нови изненадувања. „Ние сме деца на Мајката Земја и припаѓаме на овие универзални текови – затоа нашата музика е бесконечен циклус кој секогаш носи нова енергија,“ истакнуваат членовите на Фолтин.
Славчо Јовев, пак, ја издвојува песната „Двојка“ како визит-карта на бендот: „Таа во себе ги содржи сите елементи по кои се препознава музиката и звукот на Фолтин – емотивен набој, необичен аранжман, специфични ритми и извонреден текст.“
Со концертот на 12 септември, Паблик Рум ќе се претвори во сцена што живее, дише и се смее заедно со Фолтин. „Би сакале секој што ќе биде таму да си замине исполнет и со чувство дека присуствувал на нешто интересно, искрено и живо,“ порачуваат музичарите.