[Видео] Промоција на новиот сингл и видео “Деносоние” од Мојра

Мултимедијалниот проект “Мојра” вечерва премиерно ќе го претстави анимираниот спот за новиот сингл „Деносоние“ во соработка со Бранислав Николов (Пијан Славеј) и уште десетина други музички соработници. Настанот ќе се одржи на платно во дворот на културниот простор Буква со почеток од 21:00 часот. 

По проекцијата, ќе следува краток разговор со авторите на видеото (Ивана Маркоска, Даре Јованов, и Јасна Трпкова) кои ќе споделат детали за процесот зад ова уникатно аудио-визуелно патешествие. 

Проектот Мојра е обликоменливо струење од хипнотизирачки сонични нишки оптегнати од древното преку земното до волшебното. Еклектичниот полнеж содржи елементи од разнолики стилски сокаци, обвиткани во филмска, мистична, и езотерична атмосфера.

Мојринските архаични зборовни преплети, глатко наместени во вешто извиткани мелодиски линии се продорна стрела која посочува кон една плодоносна иднина на македонската музика. Низ ова треперливо творештво, нашиот јазик достигнува исклучителен поетски сензибилитет, поткрепен од една пријатна и поводлива сонична тензија на загатлива меланхолија.

Овој меланхолично разигран нов македонски никулец никна на македонската сцена во 2023та, а во 2024та го објавија синглот Арома(н)тична и мултимедијалниот клип изработен со stop-motion, кадар по кадар техника. Со нивниот проширен состав, оваа екипа има настапувано на десетина фестивали на македонската сцена како Пин Конференцијата, Sound of Green фестивалот, и беа дел од Хотел сесиите, а во јули ќе настапат на Д-фест. Се најдоа и во најтесниот круг за наградата „Милан Младеновиќ“ за најдобра песна во регионот. 

Видеото на Деносоние е мешавина од рачна и компјутерска анимација. Илустрациите се на Ивана Маркоска, компјутерската монтажа на Дарко Јованов, а наративната режија на Јасна Трпкова. Заедно се спојуваат во една чудно и чудесно привлечна приказна.

Зачлени се на нашиот е-билтен