Познатиот македонски гитарист и музички легендар, Влатко Стефановски, се сретна со кралот Чарлс Трети во Лондон, на кого лично му го подари својот албум „Лондонски сесии“ (London Sessions). Настанот се одржа во палатата „Сент Џејмс“, во рамки на прием организиран на маргините на Самитот за Западен Балкан што е дел од Берлинскиот процес.
Стефановски беше дел од македонската делегација, во која се најдоа и режисерот Милчо Манчевски, професорката Виолета Симјановска, менаџерот Логин Кочишки и коосновачот на студиото ФХ3Х, Миливое Ѓорѓевиќ – Мишко. На самитот присуствуваа и премиери од регионот, меѓу кои и македонскиот премиер Христијан Мицкоски со дел од министрите.
Албумот „Лондонски сесии“, што Стефановски му го подари на британскиот крал, е издание на „Кроација рекордс“, снимен во славното студио „Аби роуд“ во Лондон минатата година. На албумот, покрај Влатко, настапуваат и неговиот син Јан Стефановски на тапани и Тихомир Хојсак на електричен контрабас.
Од „Кроација рекордс“ изјавија дека „музиката на Влатко Стефановски, снимена во легендарното ‘Abbey Road’, сега ќе одекнува и во кралските дворови“, изразувајќи гордост што еден македонски уметник успеал да ја претстави својата работа пред британскиот монарх.
Паралелно со престојот во Лондон, Стефановски е на регионална турнеја низ Босна и Херцеговина, каде ќе настапи во Бијелина (24 октомври), Сараево (25 октомври), Мостар (26 октомври) и Зеница (27 октомври). На сцената ќе му се придружат Дамир Имери, Јан Стефановски и Иван Кукиќ, а публиката ќе има можност да чуе интимен пресек на неговата 50-годишна кариера.
„Ова е ретка можност да ја прикажам суштината на сè што сум работел во последните пет децении. Се трудам и денес да се изненадам себеси на сцената – тоа е мојата највисока цел“, изјави Стефановски, додавајќи дека енергијата на бендот и контактот со публиката му даваат сила да создава нови музички димензии.
Тој најави и нов албум, чија подготовка траела три години. „Ми остана уште една песна, а потоа ќе почнеме со миксање. Овој пат не брзам – сакам музиката што ја создадам да доаѓа искрено, од душа,“ вели Стефановски.
Со кариера што започнала уште во средношколските денови и култниот статус стекнат преку легендарниот бенд „Леб и сол“, Влатко Стефановски останува едно од најголемите имиња на македонската и балканската музичка сцена, познат по своите соработки со врвни светски музичари и оркестри.